Можно е околу 60 луѓе да загинале во бомбардирано училиште во Украина

Фото: Телеграм канал на регионалниот гувернер Серхиј Хајдај, 7 мај 2022

Украина ја обвини Русија за грозоморен масакр во Луханската област, каде со авионско бомбардирање е уништено училиште во селото Билохоривка, во коешто се засолнувале околу 90. Според регионалниот гувернер Серхиј Хајдај, потврдени се двајца загинати, но под урнатините можеби има околу 60 луѓе, пренесува Би-Би-Си.

Околу 90 лица се криеле во училиштето, а околу 30 се спасени. Според Хајдај, руски авион фрлил бомба на училиштето. Сепак, неговите обвинувања изнесени на Телеграм засега не може да бидат независно проверени, а ни Русија не испрати итна реакција, пишува Би-Би-Си.

Експлозијата го уништила објектот и потоа избил пожар, кој бил совладан дури по три часа. Како што вели Хајдај, речиси сите жители на селото се криеле во подрумот на училиштето, а конечната бројка жртви ќе се утврди дури откако ќе ќе се расчистат урнатините.

Русија досега во Украина убила 225 деца, обвини Главното јавно обвинителство на Украина денеска на својот канал на Телеграм. Бројката на ранети деца изнесува 413.

Во меѓувреме, продолжуваат дипломатските напори да се извлечат ранетите војници од челичарницата Азовстал во Мариупол, којашто руските трупи ја опседнуваат неколку седмици, барајќи безусловно предавање на припадниците на Азовскиот батаљон. Евакуацијата на цивилите од Азовстал е завршена, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски, а сега во индустрискиот комплекс има неколку стотици вооружени лица.

Украинските вооружени сили ја продолжуваат контраофанзивата кај градот Харкив, а според официјален Кијив, веќе се повторно освоени неколку села.

Се очекува денеска, на 74-от ден од почетокот на руската инвазија на Украина, претседателот Володимир Зеленски да одржи видеоконференција со лидерите на земјите на Г7. Исто така денеска, амбасадорите на членките на ЕУ ќе се сретнат во Брисел за да се договараат за шестата рунда економски санкции против Москва.

Официјална Москва пак интензивно се подготвува за големо одбележување на Денот на победата против фашизмот во Втората светска војна.