Морав да се ставам себе си во улогата на „ѕиркач“, вели Стефан Божиновски за својата изложба „Ѕиркачот“

„Ѕиркачот“ изложба на Стефан Божиновски | Фото: МКЦ

Изложбата „Ѕиркачот“ на Стефан Божиновски се отвори на 27 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје.

Ангела Витановска-историчар на уметност, изложбата ја најави со стиховите:

И чувствуваш како некој да е тука, и те гледа.
Не го гледаш, но те гледа. Будно те следи, и… чека.
Како сведок. Нем сведок на туѓо постоење.

„Во денешното општество љубопитноста и силната желба да се навлезе и да се дознае нешто ‘повеќе’ за другиот е сосема нормализирана појава, дополнително поттикната од социјалните медиуми. Љубопитност да се види одредена содржина, содржина што може да се избере лично според желбата што ја има поединецот, побудувајќи ја скопофилијата во својот нарцисоиден аспект, а и кои уште повеќе влијаеја врз деперсонализирање на идентитетот и индивидуалитетот на поединецот, кој продолжува да демне сместен во кревката фрагилност и несигурност на сопственото постоење. Да погледнеме, да ѕирнеме, да го прокоментираме животот на други“, пишува Витановска во најавата за изложбата „Ѕиркачот“.

Во краток разговор, авторот Стефан за Мета.мк откри нешто повеќе за создавањето на идејата за овој проект, како тоа изгледа од негова гледна точка, а како од страна на посетителите кои присуствувале на отварањето, кога бил одржан главниот перформанс на изложбата.

Фото: Мета.мк

„Технички моето око е во кругот бидејќи јас од почетокот морав да се поставам како ‘ѕиркачот’ во проектов. Јас морав да ѕирнам кај мене, надвор, некаде за да знам што да поставам. Што за луѓето би било доволно интригантно за да им се задржи вниманието да го видат. Мора некако да ги убедиш да ‘ѕирнат’ и со тоа да знаеш што би сакале да видат“, вели Стефан.

Тој објаснува дека проектот настанал за релативно кратко време, затоа што требало да аплицира во Министерството за култура со одреден план и опис. Кога му го одобриле проектот го развил уште повеќе.

„Истиот концепт беше уште на почетокот, но кога се додаде и перформансот се доби конечната слика“, рече тој.

Отварањето на изложбата во средата било претставено преку вистински перформанс одржан од страна на личностите што се во фотографиите и можност за „ѕиркање“ од посетителите.

Фото: Мета.мк

„Луѓето направија обид за комуницирање во неколку наврати со актерите. Тие сакаа да им дадат до знаење дека се тука и ги ѕиркаат. Ние разговаравме да не се остварува никаква комуникација меѓу преформаторите и публиката за да не бидат свесни за оној што е надвор. Интересно беше да се види тоа ниво на љубопитност кога луѓето дури и почнаа да влегуваат внатре, среќа немаше никакви инциденти“, насмевнувајќи се опиша Стефан.

Просторната инсталација е составена од соби на еден дом, всушност трпезарија, спална, соблекувална и личен простор. Тие се затворени со платно кое на средината има дупка во форма на круг низ кој може да се ѕирне внатре. Она што е специфично за секоја просторија е што на средината има поставено огледало во кое и самиот ѕиркач добива можност да се види себеси додека ги набљудува останатите во просторијата. Една од просториите е тераса на која нема поставено платно.

„Терасата“, Фото: Мета.мк

„Единствено кај терасата е отворено, односно е затворено само со 3 ѕида, затоа што терасата е полуотворен, делумно јавен простор. Тука терасата е подалеку што овозможува дистанца за набљудување. Кај другите простории платното е четвртиот ѕид што е препрека за целосно влегување во просторијата“, вели Стефан.

„Личниот простор е празен, може да влезе секој се разбира по желба. Таму ме фотографираа мене поради тоа. Внатре има само едно големо огледало каде што оној што влегува може да се рефлектира да се преиспитува и да остане колку сака. Но истовремено и тука има дупка затоа што и тој додека е сам со себе може некој да го ѕирне и на тој начин е дел од перформансот“, појаснува авторот.

Тој најави дека покрај фотографиите што се фотографирани од перформансите, ќе биде подготвено и видео, слично на изведувањето на перформансот на отворањето на изложбата. Така, вели Стефан, ќе се добие поголема шанса за искуствено да се почувствува делото и за оние кои не присуствувале на главниот перформанс.

Фото: Мета.мк

Инсталацијата заедно со изложените фотографии ќе бидат поставени до 7 ноември во Галерија 2 во МКЦ.

Стефан Божиновски студира Графика на Факултетот за ликовна уметност во Скопје и е четврта година. Тој учествувал на повеќе изложби и соработувал во научно-културни проекти заедно со студенти на другите факултети при УКИМ. Кога создава дело вели дека најмногу обрнува внимание да остави отвореност за интерпретација и слободно размислување на публиката. Стефан е креатор, сценарист и режисер на краткиот филм „Тука сум“ (2021) кој беше прикажан и на овогодинешното филмско издание на „Џифони“.