МОН: Ќе се формира Совет за унапредување на образованието и науката

фото: Влада на Република Северна Македонија

Министерството за образование и наука (МОН) со поддршка од Владата донело одлука за формирање Совет за унапредување на образованието и науката. Од МОН соопштија дека ваквата одлука е донесена согласно направените сеопфатни анализи за состојбите во основно, средно и високо образование и науката, ученичкиот и студентскиот стандард и обезбедувањето на учебници, а во насока на градење на јавни и транспарентни политики во образованието.

„Преку Советот ќе се овозможи подобрување на квалитетот на образованието и науката, оптимизација во образованието, зајакнување на системите на евалуација и оценување, реформирање на наставните програми со нивна поголема насоченост кон резултатите од учење, подобра ориентираност на програмите за стручно образование и обука кон потребите на пазарот на трудот, како и програмите во високото образование да ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот“, стои во соопштението од МОН.

Владата информацијата за потребата од формирање на Советот ја усвои вчера.

Со работата на Советот за унапредување на образованието и науката ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а во состав ќе бидат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, првиот заменик претседател на Владата, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими.

Од МОН велат дека во активностите на Советот ќе учествуваат и Сојузот на средношколци, Интеруниверзитетската конференција, Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, Агенцијата за квалитет во високото образование, Одборот за акредитација на високото образование, Одборот за евалуција на високото образование, студентските собранија, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и Центарот за образование на возрасните.