Фото: Unsplash, National Cancer Institute

Министерството за образование и наука (МОН) ги повикува средните стручни училишта и компаниите да се пријават на повикот за грантови на германската развојна банка за опремување на работилници и лаборатории неопходни за реализирање на практична настава и дуално образование, преку Регионалниот фонд за предизвици.

Средствата ќе можат да се употребат за реализација на проекти поврзани со набавка на опрема, обуки на ментори и сè друго што е потребно за квалитетно реализирање на образовни програми во стручните училишта. Финансиската поддршка ќе овозможи повеќе компании да се вклучат во практичната обука и дуалното образование.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска во обраќањето на вебинарот на Регионалниот фонд за предизвици нагласи дека фондот ќе внесе нова динамика затоа што влезот на финансиски средства и можноста да бидат поддржани идеите на училиштата и компаниите, ќе ја поттикне соработката меѓу нив и конечно ќе се види дека бенефит од овој процес имаат и компаниите и училиштата, а резултатот се остручени ученици.

Регионалниот фонд за предизвици функционира со овластување од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и е поддржан од KfW Германската развојна банка. Има за цел да ја зајакне важноста на пазарот на трудот во однос на стручното образование и обука преку финансирачки инвестиции во опрема и инфраструктура за субјектите кои обезбедуваат обука и кои учествуваат во заеднички активности за обука со партнерските претпријатија.

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, МОН веќе реализира консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година.