Макс Бункер потврди: Култниот стрип „Алан Форд“ завршува со бројот 660 во мај 2024

По објавата на 650-та епизода, на 1 септември издавачот во интервју за TGR 3 RAI најави дека остануваат само десет епизоди на „Алан Форд“, а потоа ќе се посвети на нова серија стрипови, наречена „Петра“

Број 653 на „Алан Форд Оригинал“ на маса со списанија за стрип. Фото: Мета.мк.

Реакциите на обожавателите на стрипот „Алан Форд“ не го поколебаа авторот и издавач Макс Бункер, кој во најновото издание во Италија објави дека не ја повлекува одлуката ја прекине 55-годишната традиција на континуирано објавување, информира Мета.мк.

Стрипот „Алан Форд“ е дело на Макс Бункер, псевдоним за 84-годишниот милански сценарист Лучиано Секи, и Магнус, псевдоним за прерано починатиот болоњски цртач Роберто Равиола (1939-1996). По менувањето на неколку цртачи во изминатите децении, улогата на стандарден илустратор ја врши Дарио Перука.

Со оваа сатира, преку авантурите на група тајни агенти и урнебесна галерија негативци, се исмеваат општочовечките маани, структурите на моќ, политичките системи, корупцијата, а се пародира сè и сешто – од Џемс Бонд до Силвио Берлускони. Почнувајќи од мај 1969 година, објавувано е барем по едно издание месечно, а стрипот стана дел од урбаната култура во Италија и Југославија.

По објавата на 650-та епизода, на 1 септември Бункер во интервју за TGR 3 RAI најави дека остануваат само десет епизоди на „Алан Форд“, а потоа ќе се посвети на нова серија стрипови, наречена „Петра“.

Тимот на Мета.мк имаше увид во ноемврискиот број на италијанската едиција „Алан Форд Оригинал“, во кој, покрај 653-та епизода насловена „Оваа венчавка мора да се одржи“, во рамки на рубриката за реч на уредникот „Max Dixit“, Бункер повторно го потврдува завршувањето на продукцијата на стрипот „Алан Форд“.

Според него, притисокот на економското „цунами“ на кое насекаде е изложена печатената издавачка индустрија е неиздржлив: „Имавме корекција на продажните цени, но тоа е недоволно… дури и кога приходите ги сведуваме на ниво на минимална плата“, напиша Бункер, а како дополнителен фактор се пожали и на „неосетливоста на (дел од) пубпликата“.

Името на оваа рубрика е алузија на латинскиот термин „Ipse dixit“ кој се однесува на догматско прифаќање на став на авторитет, а тонот со кој Бункер се обраќа на читателите е недвосмислен. Наспроти тоа што бил изненаден од силината на реациите на неговото интервју за РАИ, тој останува на ставот дека „како што реков, ќе затвориме со бројот 660. Што ќе биде потоа, ќе видиме“.

Сепак, најавата за затворање на „Алан Форд“ се однесува само на продукција на нови епизоди. Издавачката куќа 1000voltemeglio.it која ја води Рафаела Секи, ќерката на Макс Бункер, продолжува со објавување репризни изданија, често во полуксузен формат или во форма на книги, кои не се достапни на киосците, а може да се набават онлајн. Во оваа форма се достапни и репринти на други стрипови создадени од Бункер во текот на неговата долга кариера: „Криминал“, „Атомик“, „Црната маска“, „Клиф“…

Стандардните епизоди на стриповите на Бункер имаат по 120 страници од мал формат, обично со по две слики на нив, печатени во црно бела техника во специфичниот стил на „црни стрипови“ (fumetti neri). Последните децении има и реизданија во боја, на кои како колорист работеше токму Рафаела Секи.

Почнувајќи од 1970 година, во СФРЈ стрипот „Алан Форд“ првобитно го издаваше „Вијесник“ од Загреб, со маестрален и  иновативен превод од италијански на хрватски од Ненад Брикси (1924-1984). Популарноста на оваа гротеска ја покажа блискоста на италијанскиот и балканскиот менталитет.

По прекин во издавањето во текот на војните во деведесеттите, неколку издавачи од различните бивши југословенски републики се обидоа да продолжат со објавување на авантурите на Групата ТНТ. Денес тоа го прави само српскиот издавач на периодика Колор Медиа Интернешнал од Нови Сад. Нивните месечни изданија на „Алан Форд“ се единствениот стрип што е присутен на трафики низ целиот регион, од Словенија до Северна Македонија. Стигнати до 574-тата епизода.

Уредникот на ова издание на „Алан Форд“, Јасен Кундалиќ, во разговор на TV NOVA S на 15. септември изјави дека ќе продолжат со издавањето и тоа на јазикот БХС (босански-хрватски-српски), при што преводот се прави со колеги од Хрватска во стил на Брикси. Кундалиќ тогаш објасни и дека од претходно било познато дека Бункер ќе го прекине правењето нови епизоди на „Алан Форд“, без да остави можност друг да го продолжи неговото животно дело, ставајќи таква забрана и во својот тестамент.