Македонскиот државен врв го осуди нападот во Косово, дијалогот мора да продолжи

Премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска уверуваат дека безбедносната состојба во државата е стабилна

Meeting in Brussels on November 22, from left to right Aleksandar Vučić (President of Serbia), Josep Borrell Fontelles (High Representative of the EU for Foreign Affairs and Security Policy), Miroslav Lajčak (EU Special representative for the Dialogue and other Western Balkan regional issues, Slovakia), Albin Kurti (Prime Minister of Kosovo). Photo by the Council of the EU Newsroom, republished with permission.

По вчерашната престрелка во северниот дел на Косово во која беше убиен еден косовски полицаец и најмалку тројца членови на вооружена група обвинета за тероризам, македонскиот државен врв денеска излезе со осуди за случувањата во Косово. Премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска порачуваат дека безбедносната состојба во државата е стабилна.

Премиерот Димитар Ковачевски силно ги осуди престрелките во Косово и изрази целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот. Ковачевски ги уверува македонските граѓани дека можат да бидат спокојни.

„Безбедносната состојба во државата е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања. Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата. Воедно согласно информациите споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во земјата како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Северна Македонија“, порача премиерот Ковачевски во објава на социјалните мрежи.

Ковачевски апелира за деескалација на настаните во Косово и на продолжување на дијалогот и решавање на отворените прашања на мирен и демократски начин, а клучно е забрзувањето на евроатлантските интеграции на Западен Балкан како единствен начин за обезбедување напредок и стабилност и намалување на влијанието на дестабилизирачки трети страни.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска рече дека македонските власти одблиску ја следат состојбата во Косово не само како наш сосед, туку и како земја-членка на Алијансата која со свои трупи учествува во мисијата на КФОР.

„Како министерка за одбрана, апсолутно го осудувам нападот на косовската полиција. Изразувам жалење кон семејството и се надевам на побрзо закрепнување на повредените. Меѓутоа, ова е само уште еден показател или доказ и Белград и Приштина мора интензивно да работат на дијалогот додека тоа не биде предоцна“, изјави Славјанка Петровска.

Таа рече дека одговорноста на секој што се наоѓа политички позиции во дадени моменти е да носи одлуки со кои ќе донесе мир и просперитет на граѓаните, а нема да создава конфликти и поделби.

Во однос на новинарското прашање дали со ситуацијата во Косово е загрозена и безбедноста на нашата земја, Петровска вели дека тој инцидент нема директно влијание и од оние информации со кои досега располага и ги разменува земјава со нашите сојузници, не влијае на загрозување на безбедноста на нашата држава. Тоа го гарантира и фактот дека сме членка на НАТО, вели Петровска.

Во делот на тоа како ќе се рефлектираат случувањата во Косово, Петровска рече дека повикува на дијалог и она што не сака да се случи се дополнителни конфликти во Косово или во регионот, кои практично ќе направат дестабилизација на регионот.

Албанската опозиција во Македонија бара членство на Косово во НАТО

Опозициските политички партии Алтернатива, Движењето БЕСА и Демократското Движење денеска побараа Косово да постане членка на НАТО, како единствено решение за мир во регионот.

„Вчерашниот напад врз полицијата на Косово од страна на терористите поддржани од Србија е јасен показател дека целите и политиките на Србија се исти како и на Русија која во моментов врши агресија врз Украина. Затоа, меѓународниот фактор, САД и ЕУ, мора да дејствуваат за да не се случи втора Украина на Балканот“, се наведува во соопштението од албанската опозиција.

Тие тврдат дека со членството на Косово во НАТО ќе се запре сценариото за втора Украина, ќе се гарантира територијалниот интегритет на Косово и ќе се обезбеди мир во целиот регион.

„Сè додека Србија не може да се отцепи од Русија, мирот во Европа и на Балканот е загарантиран само со членството на Косово во НАТО“, велат од албанската опозиција во земјава.