Македонија очекува 3 милијарди евра од идниот седумгодишен буџет на ЕУ

Македонија може да смета на речиси 3 милијарди евра директна европска помош од новиот усвоен седумгодишен буџет на ЕУ и фондот за закрепнување на ЕУ, кои изнесуваат 1.824 милијарди евра. По долги преговори во услови на глобална пандемија со ковид-19, европските лидери во Брисел се согласија околу расходите за наредните седум години. Покрај за буџетот, тие се договорија и фондот за закрепнување на ЕУ да се распредели во форма на грантови од 312,5 милијарди евра и заеми од 360 милијарди евра.

Овие средства за закрепнување на економиите на ЕУ од ковид-19 ќе се трошат преку новиот Механизам за обнова (Recovery and Resilience Facility – RRF) и ќе им помогнат на земјите за спас на нивните економии во кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 .

– Финансискиот пакет на ЕУ е многу важен чекор за економијата на европските држави со кој се прави приближување до фискална унија, нешто што недостигаше во досегашниот период. За тоа долго се дебатираше, но некако кризата ги забрза тие процеси. Добро е што се планираат средства и за земји што не се членки на ЕУ, како Македонија, која очекува до крајот на годинава да ги започне преговорите за членство во ЕУ – вели за „Мета.мк“ Зоран Јовановски, главен советник за економски прашања во Стопанската комора на Македонија.

Тој вели дека во ситуација на корона криза, нам секое евро ни е добредојдено и битно е тоа да се пренесе низ ефикасни канали во најбитните сегменти во економијата за да се добијат и најголеми ефекти.

– Да не се случи парите да исчезнат некаде по пат, туку да се насочат кон вистинските места. За нашата земја е од особена важност оваа финансиска поддршка, во состојба кога треба сите заедно да ги истераме како што треба преговорите за членство во ЕУ што ни отвора поголеми шанси за економски раст. Важно е парите низ механизми да се насочат кон приватниот сектор, кој најмногу беше и е, на удар на корона кризата. Мораме да го сочуваме, затоа што економијата во најголем процент зависи од него – посочува Зоран Јовановски.

Инаку, од вкупниот износ на буџетот на ЕУ од 1.824 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година, 1.074 милијарди евра се придружени со фонд за обновување на членките на ЕУ од ковид-19, во висина од 750 милијарди евра. Овој фонд ќе биде финансиран со заедничко задолжување на ЕУ на светските пазари на капитал, а рокот за отплата на заемот е крајот на 2058 година. Најголема финaнсиска помош како неповратни грантови ќе добијат оние држави кои најмногу настрадаа од корона вирусот. За Шпанија и Италија се наменети по 140 милијарди евра, како земји со големи жртви во борбата со епидемијата.

Во рамките на овие средства од буџетот на ЕУ во наредните седум години предвидени се 12,5 милијарди евра и за претпристапна помош (ИПА) за земјите кои се во процес на евроинтеграција, за што во претходниот буџетски период за ИПА фондовите беа издвоени 11,7 милијарди евра.

Според Стефан Ристовски, истражувач во Институтот за европска политика, овој зголемен износ на средствата е за поздравување и би било добро тие да се искористат на вистинското место, за реализација на сериозни, планирани проекти и можност за уште повеќе нови. Тој вели дека, конкретно во моментов не може да се каже за кој проект колку средства ќе се потрошат, но сепак, потребно е тие да се насочат за сериозни ИПА проекти, кои опфаќаат јакнење на институции, прекугранична соработка со соседни земји, регионален развој кој вклучува транспорт, животна средина и конкурентност, развој на човечки ресурси и рурален развој.

СДСМ денеска излезе со соопштение дека трите милијарди евра од буџетот на ЕУ за наредниот седумгодишен период за нашата земја се средства за третата генерација на претпристапна помош ИПА 3.

„Овие средства се поддршка во грантови и проекти и значајно ќе го забрзаат економскиот развој и реформскиот капацитет. Тоа значи средства и проекти во областа на транспортот и инфраструктурата, во земјоделието и животната средина, во економскиот развој, во правдата и реформите за владеење на правото и други клучни области кои заеднички се идентификувани со европските партнери“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од СДСМ додаваат дека средствата се клучни за поддршка на преговорите на нашата држава во наредниот седумгодишен период и се значаен сигнал како држава која ги започнува преговорите со ЕУ.