„Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“ утре во 20 часот на платото на УКИМ

Концертот ќе го води Драган Б. Костиќ, кој за време на концертот, во негов стил, ќе ги најавува новите аранжмани на старите хитови од познатите „Бастион“, „Леб и сол“, Маја Оџаклиевска, „Балкан експрес“, Драган Каранфиловски-Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други, а публиката ќе има можност да ужива во едно несекојдневно мултимедијално искуство

Фото: Јуроп хаус

„Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, „Сетстат“ и Марија Каева и „Ретро кабаре“, се бендовите кои утре ќе настапат на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 20 часот. Платото ќе се трансформира во музичка сцена, а во организација на Јуроп хаус. Настанот е именуван како „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“.

„Оваа музичка вечер ќе понуди незаборавно патување низ времето. Старите македонски хитови ќе добијат свежо и модерно руво. За дополнителна забава ќе се погрижат и диџеј Гоце и ЛД Пистолеро“, информираат организаторите.

Концертот ќе го води легендарниот Драган Б. Костиќ, кој за време на концертот, во негов стил, ќе ги најавува новите аранжмани на старите хитови од познатите „Бастион“, „Леб и сол“, Маја Оџаклиевска, „Балкан експрес“, Драган Каранфиловски-Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други, а публиката ќе има можност да ужива во едно несекојдневно мултимедијално искуство.

„Почнувајќи од 18 часот, посетителите ќе имаат можност да ги посетат и книжевниот саем, винил поп-ап продавниците и гастрономскиот дел, кои ќе бидат дел од настанот и ќе служат како вовед и загревање за главниот настан што ќе почне во 20 часот. Целта на овој настан е да се вратиме низ времето и да се потсетиме на убавите мелодии од минатото преку преработки во различни стилови“, велат во Јуроп хаус и ги повикуваат сите утре да дојдат и да уживаат во музиката.