Мајкрософт за 7 долари месечно го нуди Тимс премиум со ChatGPT

Фото: Ed Hardie on Unsplash

Корпорацијата Мајкрософт објави премиум понуда за претплата на нивната апликација Teams, која го вклучува четботот ChatGPT, со цел како што велат, да ги поедностават состаноците со помош на вештачка интелигенција, пренесе Ројтерс.

Премиум услугата најпрво ќе чини 7 долари месечно за потоа да се зголеми на 10 долари во јули, соопшти Мајкрософт.

ChatGPT во сопственост на OpenAI ќе генерира автоматски белешки за состаноци, ќе препорача задачи и ќе помогне да се креираат шаблони за состаноци за корисниците на Teams.

Мајкрософт, кој најави инвестиција од повеќе милијарди долари во OpenAI претходно овој месец, објави оти има за цел да ја додаде технологијата на ChatGPT во сите свои производи, поставувајќи основа за поголема конкуренција со конкурентниот Google Alphabet Inc.

Во меѓувреме, OpenAI исто така објави можност за претплата на нивниот популарен четбот од 20 долари месечно, кој ќе им овозможи на претплатниците да добијат пристап до побрзи одговори и приоритетен пристап до новите функции и подобрувања.