„Мајкрософт“ ќе претстави нова верзија од својот оперативен систем, поддршката за Windows 10 престанува во 2025 година

Мајкрософт
фото: Piero Nigro на Unsplash

„Мајкрософт“ соопшти дека ќе престане да го поддржува оперативниот систем „Виндоус 10“ (Windows 10) во 2025 година, а кон крајот на овој месец се подготвува да ја објави новата верзија на овој оперативен систем.

Кога Windows 10 беше промовиран во јули 2015 година, од компанијата рекоа дека нивна цел е тоа да биде „последна верзија од оператиниот систем“ и наместо да објавуваат нови верзии на неколку години, тоа требаше да значи дека софтверот повремено ќе се ажурира без дополнителни трошоци. Но, од октомври 2025 година повеќе нема да има нови ажурирања или безбедносни поправки на постојната верзија.

На ист начин, „Мајкрософт“ ја прекина и поддршката за Windows 7 минатата година.

Новата верзија на оперативниот систем кој најверојатно ќе го носи името Windows 11 се очекува да вклучува мноштво нови функции, помодерен изглед и редизајнирано мени. Веќе протекоа неколку видеа од новиот кориснички интерфејс, а помеѓу најзабележителните промени може да се види и дека прозорците на новата верзија имаат заоблени, наместо остри агли како досега.

Новиот оперативен систем ќе биде претставен на 24 јуни.

Инаку, „Мајкрософт“ и понтаму доминира во продажбата на персонални компјутери – со 79,4 милиони продадени уреди минатата година.