Лоша вест за препишувачите: По ChatGPT, пристигна GPTZero која ги открива мрзливите ученици

Фото: Green Chameleon on Unsplash

По огромниот успех на алатката за вештачка интелигенција ChatGPT во светот и растечката загриженост на професорите дека оваа алатка може да се искористи за манипулирање на авторството кај учениците и студентите, пристигна и алатката GPTZero, која е дизајнирана од студент, и со која може да се открие дали напишаниот есеј или друг текст е создаден со помош на вештачка интелигенција, пишува Базфид.

Учениците и студентите кои се надеваат дека ќе можат да мамат на испитите преку искористување на ChatGPT за изработка на нивните домашни задачи и есеи, имаат нов непријател: 22-годишниот студент Едвард Тиан од Универзитетот Принстон, кој ја создаде алатката GPTZero преку која може да се открие дали одреден текст е напишан со помош на вештачката интелигенција.

Најновата верзија на ChatGPT, наречена GPT3, беше објавена во јавноста кон крајот на ноември и е во состојба да произведе неверојатни текстуални содржини и има бескрајни можности, вклучувајќи го и остварувањето на злобни намери од мрзливите ученици.

Стравувањата на професорите и наставниците ширум светот веќе се материјализираа на дело во школите во американската сојузна држава Њујорк, кои го блокираа пристапот до ChatGPT на училишните уреди и на мрежите на интернет во школите, за да се оневозможи неговата злоупотреба од учениците за време на испитите.

Едвард Тиан, креаторот на GPTZero, вели дека пишувањето кое е генерирано од вештачката интелигенцијата станува сè подобро, но и дека мора неговото функционирање да го направиме одговорно. Тој не е против користењето на алатките за вештачка интелигенција во пишувањето текстови, но посочува дека мора да постојат заштитни мерки.

Токму затоа, тој го создал GPTZero, којшто функционира на начин што анализира дел од одреден текст и определува колкава е веројатноста тој да бил напишан со помош на алатка за вештачка интелигенција. Засега оваа алатка е бесплатна и достапна за сите, а секако ќе биде добредојдена за професорите и наставниците кои сакаат да ги стават под контрола мрзливите ученици и студенти.

Сепак, точната стапка на успех на GPTZero да ги открие мрзливите, пишува Базфид, засега е нејасна, бидејќи на Твитер веќе се споделуваат реакции оти некои текстови напишани од алатки за вештачка интелигенција успеале да пројдат со висока оценка од GPTZero со констатација дека се напишани од човек.