Корупцијата во полошките општини: Најчести се случаите за легализација на куќи и купување земјиште

Во анонимната анкета на Порталб случаи на корупција во општините од полошкиот регион пријавиле петмина граѓани. Четири случаи се однесуваат на општина Тетово, а еден на општина Врапчиште. Ниту еден случај не бил пријавен од различни причини, пишува Порталб.мк

-

Во анонимната анкета на Порталб случаи на корупција во општините од полошкиот регион пријавиле петмина граѓани. Четири случаи се однесуваат на општина Тетово, а еден на општина Врапчиште. Ниту еден случај не бил пријавен од различни причини. Од полошките општини велат дека не се известени за случаи на корупција, а од Обвинителството тврдат дека такви случаи има, пишува Порталб.мк.

Анкетата се однесуваше на случаите на корупција во општините и јавните претпријатија од девет општини од полошкиот регион: Тетово, Гостивар, Теарце, Боговина, Желино, Брвеница, Јегуновце, Врапчиште, Маврово и Ростуше.

Од пет пријавени случаи, четири се во Тетово и еден во Врапчиште.

Вака се изразија испитаниците:

„Во општина Тетово, пред неколку месеци ми побараа 2.500 евра за процесот на добивање дозвола за изградба на куќа“.

„Побараа пари за легализација на куќа во Општина Тетово“.

„Во Општина Тетово, поточно во ЈКП „Тетово“. Отидов за комунална услуга и морав да извршам една управна постапка, еден од вработените како на шега ме замоли да дадам нешто (пари) за да ми ја изврши услугата за која е платен. Тогаш му реков дека работам во медиум и дека не треба постојано да ми кажува такви работи, бидејќи ќе го објавам тоа јавно. Кога навистина дозна дека ги знам своите права, го смени тонот на разговорот и почна да се смее“.

„Во Врапчиште откупот на државното земјиште има две цени. Мал процент за општината и поголемиот процент за градоначалникот“.

Сепак, ниту еден од овие случаи не е пријавен. Еден граѓанин рече дека не верува дека нешто ќе се преземе. Друг не знаел каде да пријави. Двајца граѓани рекоа дека доколку пријавеле тоа би отворило повеќе проблеми. А еден граѓанин рече дека јасно му кажало на лицето дека нема право да бара од него такво нешто.

Тројца граѓани, иако самите не доживеале случаи на корупција, изјавија дека познаваат некој што го доживеал истото.

Општините едногласно: Немаме пријавени случаи

Порталб.мк ги сподели податоците од анкетата со општина Тетово и праша дали се известени за некој таков случај.

Но, од Општина Тетово истакнаа дека не добиле никакво известување за корупција во оваа општина.

„Ниту една претставка или официјален извештај не е поднесен за да се одрази таква состојба. Ги охрабруваме граѓаните доколку наидат на каква било форма на корупција веднаш да пријават во Општина Тетово за итно и соодветно постапување“, велат од општината.

Во врска со нашите прашања и од општина Врапчиште велат дека „до општина Врапчиште не е пријавен ниту еден случај“.

И од општините Бервеница, Теарце, Боговина, Маврово и Ростуше рекоа дека не се евидентирани случаи на корупција во општините.

Од овие општини порачаа дека ги охрабруваат граѓаните да пријават вакви случаи.

Во меѓувреме од општина Гостивар, Желино и Јегуновце не одговорија на новинарските прашања.

ДКСК не води евиденција на географска основа

За корупцијата во полошките општини, од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека не водат евиденција според општините.

„Државната комисија за спречување на корупцијата не води посебна евиденција за констатирани случаи по општини, поточно географски подрачја и од тие причини не можеме да дадеме информации за поставеното прашање“, соопштија од ДКСК.

Полицијата и обвинителството доставија податоци за корупција

Во однос на случаите на корупција или поткуп пријавени во полиција, Министерството за внатрешни работи потенцира дека од 2020 година до 12.10.2024 година во СВР Гостивар имало 2 кривични пријави кои се препратени до ОЈО Гостивар.

Првата кривична пријава е од 04.02.2020 година против извршител – вработен во Управата за јавни приходи – Тетово, за сторено кривично дело „Примање поткуп“ од член 357 и кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл. 353 од Кривичниот законик на РСМ.

„Обвинетиот, делото го сторил на 04.02.2020 година околу 12:30 часот, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување како инспектор вработен во Управата за јавни приходи Тетово, на тој начин што примил поткуп од 150 евра од лице кај кое претходно извршил увид во правното лице со седиште во Гостивар и му изрекол две глоби за откриени неправилности, кои оштетениот уредно ги платил и му ги испратил на обвинетиот. По извршената уплата, обвинетиот постојано му се јавувал на телефон  и и испратил и смс порака на жртвата каде што му побарал поткуп од 300 евра со образложение дека 30 дена не ставил печат на деловниот објект. Со ваквите дејствија обвинетиот се стекнал со противправна корист во износ од 150 евра“, објаснуваат од полицијата.

Вториот случај на поднесена кривична пријава е на 27.10.2022 година против 3 сторители и тоа против еден сторител за кривично дело казниво по член 353 од Кривичниот законик за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Примање поткуп“ казниво по член 357 од КЗ, на вработен како овчар кој сторил кривично дело од член 358 од КЗ за кривично дело „Давање поткуп“ и еден сторител за кривично дело „Давање поткуп“ предвидено со член 358 во врска со „Соработка“ казниво по член 22 од Кривичниот законик на РСМ.

„Првопријавениот делото го сторил на почетокот на 2022 година во населбата „Млаки“ каде од второ и третопријавениот одзел 1.000 евра ветувајќи им дека ќе им помогне да се стекнат со државно земјиште, иако знаел дека парцелата има белешка во Агенцијата за катастар и недвижности“, информираат од МВР.

Јавното обвинителство со нас сподели статистика од последните четири години, која, како што рекоа, се однесува на кривичните дела за кои изразивме интерес.

„Само во 2023 година основните јавни обвинителства кои припаѓаат на Вишото јавно обвинителство Гостивар постапиле по поднесени кривични пријави против вкупно 516 лица за кривични дела од 30-та глава од Кривичниот законик – Кривични дела против службената должност, кои опфаќаат повеќето од кривичните дела за кои сте заинтересирани“, велат од Јавното обвинителство.

Во 2022 година вакви кривични пријави на ова подрачје се поднесени против 514 лица, во 2021 година против 576 лица и во 2020 година против 771 лице.

Јавното обвинителство не е во можност да ги раздвои предметите и да соопшти детали од постапката“, велат од обвинителството.

Инаку, денеска во Скопје на форумот „Заедницата посветена на отпор кон корупцијата“ ќе бидат презентирани резултатите од Индексот на отвореност на локалната самоуправа за 2024 година на Фондацијата Метаморфозис, заедно со водичот со препораки за подобрување на отвореноста кон граѓаните, како и да се разговара за добрите практики и предизвици за потранспарентна локална самоуправа, со цел зголемување на довербата кај граѓаните и искоренување на корупцијата.

САД бара од Израел да ја зголеми хуманитарната помош во Газа во наредните 30 дена

Соединетите Американски Држави испратија писмо до Израел во кое бараат да се зголеми хуманитарната помош во Газа во рок од 30 дена. Ако не се постигне подобрување, Израел ќе...