fbpx

Јанева: Јас го кажав своето, на ред е Советот на јавни обвинители

-

Околу е еден и пол час траеше сослушувањето на специјалната обвинителка, Катица Јанева, пред тричлената комисија на Советот на јавни обвинители во врска со отстранувањето на двете обвинителки од нејзиниот тим, по кое многу прашања и понатаму остануваат неодговорени за јавноста, а се појавија и нови.

Јанева по завршувањето на распитот изјави дека пред членовите на комисијата дала изјава за случајот и дека сега остава таа и Советот на јавни обвинители да донесат одлука. Таа рече дека за ова прашање повеќе нема да зборува и дека повеќе информации ќе соопшти на прес-конференција, за која најави дека ќе се одржи наскоро.

Одговарајќи на новинарски прашања, таа кратко соопшти дека пред членовите на комисијата објаснила дека во врска со отстранувањето на двете обвинителки, Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева, постапувала законски и како што рече, тие повеќе не доаѓаат на работа во Специјалното јавн обвинителство. За својата одлука таа се повикува на Законот за специјално јавно обвинителство, кој ѝ дава целосна автономија околу тоа кој и како ќе работи во ова обвинителство.

– Денеска дадов изјава во врска со отстранувањето на двете обвинителки од тимот на Специјалното јавно обвинителство и оставам понатаму Советот на јавни обвинители да донесе одлука. На членовите на комисијата им објаснив, во согласност со законот, како сум постапила. Автономноста се знае како функционира во вакви случаи, јас сум таа што носи одлука кој и како ќе работи во Специјалното јавно обвинителство – рече Јанева.

Претседателот на тричлената комисија, Сашо Василевски, пак, изјави дека изјавите на двете обвинителки и на Јанева ќе бидат доставени до Советот на јавни обвинители на првата наредна седница.

– Комисијата ги зеде изјавите од двете страни и ќе ги предложи на Советот на првата наредна седница, кој ќе донесе одлука. Комисијата нема надлежност да презентира заклучоци на Советот, туку само да ја утврди релевантноста на изјавите – рече Василевски.

Тој не даде конкретен одговор каков ќе биде ефектот од одлуката на Советот, бидејќи законот за специјалното обвинителство му дава автономија на нејзиниот прв човек да одлучува за членовите на својот тим.

Василевски рече дека негово лично мислење е дека се потребни амандмански измени на Законот за специјалното обвинителство, кои би ја дефинале постапката во вакви случаи.

– Не сакам да се впуштам во коментирање за тоа што ќе биде, како ќе биде. Лично сметам дека се потребни амандмански измени на Законот за специјално јавно обвинителство за да не се доведеме во ситуација да се шират шпекулации дека Советот ја опструира работата на Јанева. Лично сум убеден дека ако не се случат такви ситни интервенции, ние ќе се соочуваме со вакви правни нелогичности и заплеткувања со кои тешко можеме да излезме на крај и да се доведуваме во ситуација да го повредуваме законот и уставот. Јанева го користи законот и вели дека во моментов може да работи со 10 обвинители. Законот ја дава таа можност. Но, законот не предвидува што во вакви ситуации. Не е предвидена двостепност на постапката – изјави Василевски.

Тој додаде дека во моментов двете обвинителки се водат на работа во Специјалното јавно обвинителство. Според претседателот на комисијата, Јанева на сослушувањето немала забелешки на работата на обвинителките и рекла дека одлуката ја донела поради намалениот обем на работа.

Одговарајќи на новинарско прашање околу кривичната пријава поднесена против тројца обвинители од нејзиниот тим, Јанева рече дека останува на изјавите што викендов ги дадоа од нејзиниот кабинет во врска со случајот.

На прашање дали се точни шпекулациите дека Специјалното јавно обвинителство сослушувало сведоци без присуство на адвокат и без да ги снима сослушувањата, Јанева одговори дека предистражната постапка е тајна, а дека за начинот на кој биле сослушувани сведоците, односно дали тој бил законски или незаконски, ќе каже судот при оценувањето на обвинителните акти.

– Јас постапувам во согласност со закон и според него треба на секои шест месеци да доставувам извештаи до Собранието и до Советот на јавни обвинители и јас тоа ќе го направам на 15 март, кога ќе дадам извештај за работата на ова обвинителство во периодот од шест месеци – рече Јанева.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...