Фото: ФБ страна, Венко Филипче

Во 3 часот и 33 минути утринава кај 27-годишно момче зачука ново, донирано срце, ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија, напиша министерот за здравство Венко Филипче на неговиот фејсбук-профил.

„Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше. Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги,“ напиша Филипче.

Тој исто така објави и историска фотографија, на која докторите ѝ се поклонуваат на младата девојка чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи.

„Нејзиниот млад живот трагично згасна, но нејзиното срце спаси друг млад живот. Нема зборови со кои може да се искаже благодарноста кон семејство. Нема зборови со кои може да се опише алтруизмот и големината на чинот на органодарителство. Во моменти на длабока тага да се донесе одлука за донирање на органите на блиските е дефиниција за хуманост,“ напиша Филипче на неговиот фејсбук-профил.