Извозот на свеж зеленчук во март е поголем за околу 3.000 тони во однос на лани

Покрај тешките услови, извозот во периодот јануари-март 2020 година е поголем за околу 210 милиони евра, информираше директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.

Според податоците на Царинската управа за надворешно-трговската размена, вкупната вредност на извозот во периодот јануари-март 2020 година изнесува 86,77 милијарди денари или 1,41 милијарди евра, што е поголемо за околу 210 милиони евра во однос на 2019 година. Вкупната количина на извезени стоки изнесува 702.650 тони.

„Покрај исклучително тешките услови, извозот на свеж зеленчук во март 2020 година е поголем за околу 3.000 тони во однос на 2019 година, додека кај вредноста се бележи благо намалување. Во март 2020 година изнесувал 290 милиони денари или околу 4,7 милиони евра. Што се однесува на извозот на свежото овошје, во март 2020 година е поголем за околу еден милион евра во однос на 2019 година. Извозот на свежо овошје во март 2020 година изнесувал околу 3,7 милиони евра или околу 9.126 тони“, објасни Tанасоски.

Тој додаде дека со цел да се олесни работата на економските оператори, Царинската управа по службена должност го продолжи рокот на важење до 30 септември на сите одобренија за поедноставени царински постапки што истекуваат до 31 мај.

Владата објави низа одлуки за укинување на царински давачки за увоз на потрошен медицински материјал, лекови и суровини за производство на медицинска опрема. Исто така, донесена е одлука за укинување на царина за замрзнато свинско месо заради стимулирање на домашното производство. Одлуките ќе се применуваат заклучно со завршување на траење на вонредната состојба.

Со член 238 од Царинскиот закон е регулирано дека на барање на економскиот оператор, царинскиот орган може да одобри одложување на плаќањето на износот на давачките којшто треба ги плати засегнатото лице, за стока декларирана за царинска постапка која вклучува обврска за плаќање на таквите давачки.

На основа на известување од деловните банки, Царинската управа по службена должност го продолжи рокот на важење на банкарските гаранции до 30 септември. По службена должност се продолжи рокот на важење на одобренија за одложено плаќање на увозни давачки, за сите иматели за кои рокот на важење на гаранцијата е продолжен по службена должност.

Имајќи ја предвид зголемената побарувачка на етил алкохол како основно средство за дезинфекција во борба против Ковид-19, Царинската управа донесе мерки за поедноставување на постапката на реиздавање на одобренијата за повластени корисници на етил алкохол на установите од јавното и приватното здравство како и на компаниите кои произведуваат средства за дезинфекција.

„Во насока на олеснување на условите за работење на компаниите при набавка и дистрибуција на алкохол за медицински цели за изработка на лекови и средства за дезинфекција, донесена е Уредба со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба со која е обезбедено продолжување на рокот за поднесување на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг“, подвлече Танасоски.