Измени на закони, но и одговорност од институциите ќе спречат појави како увозот на токсично отпадно масло

Фото: Anne Nygård на Unsplash

Државниот инспекторат за животна средина да добие поголеми надлежности и зајакнати капацитети, да се измени и прецизира законот за инспекциски надзор, да се озбезбеди итна примена на Директивата на индустриски емисии, да се измени Правилникот за квалитет на течни горива, но и да постои одговорност кај надлежните институции, се главните препораки на Граѓанскиот инспекциски совет во насока на расплеткување на случајот со увоз на опасен отпад како мазут, но и како превентива за идни вакви случувања.

Според граѓанските организации и експерти, членови на Граѓанскиот инспекциски совет, во случајот на увоз на токсично гориво, откриен и документиран во новинарско истражување, не се работи само за еден пропуст ниту пак за пропуст на една институција, туку за нефункционирање на целиот систем на увоз и контрола.

Според Кирил Ристовски од „Флорозон“, во случајот се согледуваат слабости и во законската рамка, но и во инспекцискиот надзор. Заради тоа, смета, мора да биде направен нов интегриран закон за инспекција кој ќе обезбеди поголеми надлежности, усовршување и едукација на инспекторатите и финасиска рамка за независен надзор.

„Во случајот постојат споделени надлежности меѓу институциите заради што не може лесно да се најде виновникот за увозот на опасниот отпад. Квалитетот на горивата се утврдува според правилник што го донесува Министерството за економија, а Инспекторатот за животна средина нема надлежност се додека енергенсот не почне да се согорува. Всушност, тоа треба да се измени и инспекцијата да започне во фазата на царинската постапка“, вели Ристовски.

Измената на Правилникот за квалитет на течни горива е една од најбрзите мерки за подобра контола каков тип на гориво влегува во земјата, смета Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“. Предлогот на активистите за заштита на квалитетот на воздухот е да се утврдат европските стандарди за вредности во правилникот и да се донесе уредба усогласена со правилникот. Тие бараат и кривична одговорност од сите инволвирани стани во случајот.

„Предлагаме законски измени со кои ќе биде задолжителна проверката на горивото во јавните институции како болниците, училиштата и други, бидејќи сега тоа никој нема обврска да го контролира. Инспекторатот за животна средина да го проверува горивото и во индустриските капацитети кои се во нивна надлежност, а и да се исчистат нивните оџаци, да се земе примерок и да се испита што се горело до сега. Потребно е да се тестира горивото на Царина, но покрај на сулфур и на други параметри кои се утврдени според европските стандарди. Потребно е и Регулаторната комисија за енергетика итно да одземе лиценци на сите кои се инволвирани во случајот со увезот на отпадното масло“, нагласува Георгиевска.

Според еко активистот Тони Никушевски, потребна е итна примена на Директивата на индустриски емисии. Посочува дека секоја инсталација задолжително мора да има автоматски мониторинг систем за мерење на емисии во воздухот, водата и во почвата, без разлика дали се наоѓа на отворено или не. На тој начин многу побрзо и поефикасно ќе се отктиваат ваквите активности, а и ќе се создадат услови за примена на начелото загадувачот плаќа. Никушевски смета дека треба да се воведе и интерсекторска облигациска обврска која ќе инсистира на одговорност на надлежните институции.

Увозот на илјадници тони отпадно масло, со потекло од ЕУ, каде била забранета неговата употреба во урбани средини поради токсичноста, упатува дека сосема е оправдано во случајот да се сомневаме на корупција, смета Лилјана Поповска од Граѓанскиот инспекциски совет.

„Сомнежот за корупција е сосема оправдан, особено кога се работи за доходовни дејности како трговијата со енергенси. Случајот со увоз на отпадно масло кое се користело како гориво во индустриски капацитети и институции, упатува на дупки во системот, на отсуство на клучни закони за инспекциски надзор и за индустриски емисии, но и на правилници. Примарната одговорност е на Царината и Пазарниот инспекторат, кои имаат надлежност да ја испитаат секоја пратка што се увезува. Заради тоа се залагаме ваква можност да добие и ДИЖС“, посочува Поповска.

Случајот со увозот на отпадно масло, кое е забрането за употреба во европската Унија беше откриен пред десетина дена, откако Истражувачката репортерска лабораторија објави краток документарец на темата. Огромни количини биле увезени во земјава во 2018 и 2019 година преку неколку домашни компании и декларирани како мазут. Тие завршиле како гориво во големи компании како „Еуроникел“ од Кавадарци, „Брако“ од Велес, но и во Министерството за одбрана и во седум државни болници и родилишта.