Изјавата на министерот за здравство, Никола Тодоров, дека водата во Дојранското Езеро е исправна, поттикна интернет-петиција со која се бара тој да се напие чаша вода од езерото.
„Бидејќи делата се погласни од зборовите, бараме министерот да стави крај на дилемите на граѓаните и со свечено пиење чаша вода од Дојранско Езеро да ни покаже дека ова лето безгрижно може да лудуваме во исправните води на езерото. Ако не сака чаша вода, прифатливо е и повеќеминутно нуркање“, се вели во интернет-петицијата, која досега ја потпишале 46 лица.
Претходно, Државниот инспекторат соопшти дека водата во Дојранско Езеро е небезбедна за бањање, поради што воведе забрана за капење на четири плажи.