fbpx

Инспекторатот за животна средина ѝ даде задолжение на „Усје“ да користи гас за греење во котларата

-

По извршените мерења на емисијата на гасови и прашина од оџаците на печките, котларата за парно греење и амбиентниот воздух во кругот на цементарницата „Усје“, при што било утврдено надминување на граничните вредности на азотни оксиди кај котларата за парно греење која користи мазут, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ѝ даде неколку задолженија и рок за извршување на истите на цементарницата за отстранување на недостатоците.

На „Цементарница Усје АД Скопје“, ДИЖС ѝ нареди во двата котли за парно греење во котларата за загревање на фабриката да користи природен гас како гориво, согласно добиената А-интегрирана еколошка дозвола и да изведе соодветен приклучок за мерење на емисии со акредитирана метода. За ова задолжение цементарницата има рок од пет дена, а во рок од 10 денови треба да изврши мерење и на емисијата на гасови од оџакот на парниот котел кој ќе биде во функција.

Цементарницата од инспекторатот е задолжена да направи и мониторинг на сите емисиони точки од производните процеси со акредитирана лабораторија за животна средина во присуство на инспекторатот, и тоа во рок од 15 денови од приемот на решението.

Бидејќи примероците од анализата направена на 3 и 4 јануари годинава не одговарале на пропишаните стандарди согласно А-ИСКЗ дозволата, ДИЖС информира дека трошоците за анализата ги сноси „Усје“.

Од инспекторатот додаваат дека доколку не се отстранат причините настанати со донесувањето на решението, ќе поднесат барање за поведување прекршочна, односно кривична постапка пред надлежен орган или суд, а ќе отпочне и постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања.

Кривична пријава против цементарницата поради загадување на воздухот вчера најави и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Од „Усје“ преку соопштение по прес-конференцијата на Арсовска рекоа дека немало корелација меѓу нивната работа и квалитетот на воздухот во главниот град. Во нивната реакција е наведено дека резултатите од вонредната контрола од страна на ДИЖС покажале дека емисиите од производниот процес биле пониски од дозволените гранични вредности.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...