Илина Арсова ја доби наградата „Европска жена на годината“ за 2022 година

Фото: Инстаграм профил на Илина Арсова

По повод Меѓународниот ден на жената, 8-ми март, вчера за прв пат во Македонија беше доделена наградата „Европска жена на годината“ која е воспоставена од Делегацијата на Европската унија во Скопје.

По номинацијата на германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајан за Европска жена на годината 2022 е избрана еко-активистката, уметница и алпинистка, Илина Арсова. Свеченото доделување на наградите се одржа во Даут-пашиниот амам во присуство на петте амбасадори кои ја спроведуваат оваа награда како водечка активност на #TeamEurope, а на настанот исто така присуствуваше и првата дама, г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска.

Во изборот учество земаа и докторката и национален координатор за трансплантација Маја Мојсова-Мијовска номинирана од амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ; претприемачката Наталија Бургиева што ја претстави амбасадорот на Европска Унија, Дејвид Гир; режисерката Дина Дума номинирана од амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон и директроката на Националната галерија Дита Старова Ќерими која ја номинираше амбасадорката на Романија, Моника Аксинте.

„Го одбележуваме Меѓународниот ден на жената со оддавање почит на пет
извонредни жени кои покажаа дека само небото е граница во остварувањето на
соништата, во работењето за општо добро. Нивните приказни се инспиративни. Ги
кршат предрасудите. Тие докажуваат дека полот нема врска со способноста. Или дека
капацитетот и посветеноста немаат пол“, изјави амбасадорот Дејвид Гир на доделувањето.

Свечено доделување во Даут-пашин амам, фото: ЕУ Делегација

Амбасадорката Холштајн ја претстави г-ѓа Арсова како алпинистка, активистка за
заштита на животната средина, борец за правата на жените и уметник, а пред сè – жена која се истакнува во сè што прави, таа прави промени.

„Повеќе од заслужено да биде почестена како европска жена на годината“, истакна амбасадорката на Германија во земјава.

Во своето видео обраќање како Европска жена на годината за 2022 година, г-ѓа Арсова изјави дека сите номинирани пишуваат историја во одредена област, што е полно со предизвици и прилично исцрпувачки. Таа открива дека да се биде кршач на мраз не е воопшто лесно, но на крајот се исплати. Г-ѓа Арсова испрати порака до сите жени и млади девојки дека „ниту еден сон не е недостижен и ниту една цел не е невозможна“.

фото: ЕУ Делегација

Гласањето траеше седум дена, откако од преставништвото на Делегацијата ја објавија веста дека може да се гласа преку регирање на нивните објави на фејсбук за номинираните учеснички.

По завршување на гласањето, според изброените реакции на фотографијата од Арсова, таа се здоби со титулата „Европска жена на годината“.

„Честит 8-ми март драги жени. одинава добивам награда на овој ден. Им благодарам на Амбасадорите и организаторите за номинацијата Анке Холстајн и на сите вам што гласавте за Европска жена на годината 2022. Им честитам и се воодушевувам на останатите жени кои учествуваа во изборот. Прекрасни сте! Да продолжиме да инспирираме, да покажеме што е солидарност и да го менуваме светот заедно“, напиша алпинистката на својот профил на Инстаграм.

Илина Арсова е дипломирана ликовна уметница и член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Нејзината улога како еко-активист се пројавува и преку своите уметнички дела во кои подолго време ги претставува загадувачките навики и човековите интервенции врз природата, обидувајќи се преку визуелен креативен израз да допре и делува врз подигнување на еколошката свест кај народот. Таа е првата дама од Македонија која ги има искачено највисоките врвови на сите континенти, воедно е првата жена македонка која се искачила на Монт Еверест, највисоката точка на Земјата.

Наградата за Европска жена на годината е комплементарна со наградата Европеец на
годината, која исто така е воспоставена од Делегацијата на Европската Унија (од 2019
година). Наградата има за цел да ја подигне свеста за постоечките пречки за родовата еднаквост, притоа оддавајќи им признание на жените кои водат со пример и придонесуваат светот да биде порамноправен i ги одликува еднаквоста и еднаквите можности како основна вредност на ЕУ.