fbpx

И денес енормно загадување на воздухот во Скопје, да се почитуваат мерките

Граѓаните на скопската општина Аеродром веќе четврти ден дишат опасен воздух, кој е на границите над прагот за алармирање што се вклучува кога концентрациите ќе надминат 150 микрограми на метар кубен

-

Алармантното аерозагадување во Скопје продолжува и денес, исто како и во изминативе денови. Прагот на алармирање поради многу високите концентрации на ПМ-10 честички е вклучен втор ден, а на сила се препораките и мерките од надлежните институции за заштита од аерозагадувањето.

Утрово во 9 часот на мерната станица Лисиче измерени се концентрации од ПМ-10 честички во износ од 152,1 микрограми на метар кубен. Вчера во Лисиче било регистрирано присуство од 216,1 микрограми на метар кубен на ПМ-10 честички во воздухот, што е четири пати над максимално дозволените среднодневни концентрации од 50 микрограми на метар кубен. Граѓаните на скопската општина Аеродром веќе четврти ден дишат опасен воздух, кој е на границите над прагот за алармирање што се вклучува кога концентрациите ќе надминат 150 микрограми на метар кубен.

Енормно загадување над прагот на алармирање вчера било измерено и на мерната станица Ректорат, каде присуството на ПМ-10 честички изнесувало 186,7 микрограми на метар кубен. Опасен воздух се дише и во Струмица, каде исто така неколку дена по ред на сила е прагот на алармирање што го прогласи Министерството за животна средина и просторно планирање. Високо ниво на загадување со ПМ-10 има и во Прилеп, Тетово, Охрид и Кичево, покажуваат податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина.

Кои мерки треба да ги почитуваат скопјани поради аерозагадувањето?

Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Министерството за здравство, се должни да им препорачаат на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Исто така, се препорачува работодавците да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Во Скопје се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50% употребата на службените возила. Исто така, се задолжува да се обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и општините се должни да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници, како и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство ја задолжува Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до Институтот за јавно здравје за бројот на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина е должен да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите коишто поседуваат А – интегрирана дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија, со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – интегрирана дозвола за намалување на капацитетот на производство до 50%, со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите коишто произведуваат топлинска или електрична енергија.

Скопските општини и Градот Скопје се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините во делот на аерозагадувањето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нема докази дека Зеленски купил вила од британскиот крал Чарлс Трети за 20 милиони долари

EUvsDisinfo пишува дека, „ниту еден сериозен медиум не објави за ова неосновано тврдење, кое се ширеше исклучиво од про-Кремљ профили и сметки на социјалните мрежи“.  Единствениот извор за оваа...