Холандија воведува забрана за користење смартфони во училиштата

„Иако мобилните телефони се испреплетени со нашите животи, тие не припаѓаат во училницата“, кажа министерот за образование, Роберт Дијкграф

Фото: Image by natureaddict from Pixabay

Смартфони, таблети и паметни часовници ќе биде забрането да се користат во училиштата во Холандија, почнувајќи од 1 јануари в година, пренесе Си-Ен-Ен. Како што соопшти во вторникот холандската влада, ова се прави за да се ограничи одвлекувањето на вниманието додека трае наставата.

Уредите ќе бидат дозволени за користење само во неопходни ситуации, односно во случај на несреќи или кај деца со посебни потреби.

„Иако мобилните телефони се испреплетени со нашите животи, тие не припаѓаат во училницата“, изјави министерот за образование, Роберт Дијкграф.

Тој додава дека учениците треба да бидат способни да се концентрираат и да им се даде можност подобро да учат.

„Научните истражувања покажаа дека мобилните телефони им го одвлекуваат вниманието, па затоа треба да ги заштитиме децата од ова“, додава министерот.

Забраната е договор меѓу холандската Влада, училиштата и граѓански организации.

Училиштата можат да најдат свој начин да ја воведат забраната, но, ќе има правни последици ако тоа не даде резултати до следното лето.