ХЕРА: Над 700 девојки од земјава на возраст меѓу 15 и 19 години станале мајки

Ајше Ајрулаи од Биро за развој на образованието, на денешниот настан рече дека воведувањето на сеопфатно сексуално образование кај младите има за цел да им обезбеди на учениците можност за стекнување компетенции прилагодени на нивната возраст, кои им се потребни за да можат да носат информирани одлуки

Фото: ХЕРА

Дури 52 проценти од девојчињата на 15-годишна возраст и 29 отсто од момчињата на иста возраст страдаат од повеќе психосоматски симптоми истовремено, повеќепати неделно. Во 2022 година кај нас над 700 мајки биле девојки на возраст меѓу 15 и 19 години, кој кај нас е три пати поголем од просекот во земјите на ЕУ. Потребни се образовни програми кои ќе одговорат на потребите на младите, а тоа може да се направи само преку соработка и обединување.

Ова денеска го изјави Елизабета Божиноска од граѓанската асоцијација ХЕРА, на панел дискусијата „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје кај младите?“, што се одржа во Тетово во организација на ХЕРА, со поддршка на Амбасадата на Франција.

Во воведното обраќања Амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија Сирил Бомгартнер истакна дека проектот „Нашите тела не се табу“, кој што е регионален се однесува на менструалната правда, но и на сеопфатното сексуално образоавние, две теми кои се многу важни за заедницата.

„Го поддржуваме овој проект затоа што сме убедени дека со вклучување на овие образовни содржини може да придонесат за подобрување на благосостојбата на младите и нивното ментално здравје.Вашата земја се обврза да работи на намалување на браковите помеѓу малолетни лица, исто така да им помогне на младите девојки, адолесцентите, а особено на жените да бидат што е можно поавтономни, и навистина одлучи да ги поддржува и организациите на жените“, рече Бомгартнер.

Професорката по психологија на Универзитетот во Тетово Шерузе Османи Балажи, рече дека сексуалното образование е една алатка која што придонесува кон унапредување на менталното здравје, токму поради тоа што сексуалното образование се базира на принцип на човекови права, во принцип на задоволство што значи дека е ориентирано кон развој на капацитети на младите, исто така во носењето на одлуки кои се базирани на проверени информации.

Фото: ХЕРА

Ајше Ајрулаи од Биро за развој на образованието, вели дека воведувањето на сеопфатното сексуално образование кај младите има за цел да им обезбеди на учениците можност за стекнување компетенции прилагодени на нивната возраст, кои им се потребни за да можат да носат информирани одлуки, како и да ги уживаат своите, односно да ги почитуваат туѓите права во сферата на сексуалноста.

„Тоа е цврсто втемелено врз концептот на човекови права, а пред сѐ врз залагањата за родова еднаквост, заштитата од насилство, заштита на достоинството и автономијата. Придобивките од изучување на овој предмет се многу значајни, бидејќи младите се поодговорни за своето здравје, се поемпатични кон луѓето, имаат повеќе самодоверба и комуникациски вештини со своите врсници, се намалува бројот на ризични сексуални однесувања и помалку тинејџерски бремености и абортуси“, рече Ајрулаи.

Рон Ѓиновци од ОРКА – Организација за подобрување на квалитетот во образованието во Косово, истакна дека како и во целиот Западен Балкан така и во Косово, младите имаат проблем со нивната благосостојба.

„Како и секаде во региониот така и кај нас менталното здравје на младатите е табу тема“, вели Ѓиновци.

Елизабета Божиноска од ХЕРА, рече дека информациите кои ги добиваат од искуствата од терен се поразителни и покажуваат дека младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата.

Настанот е дел од регионалниот проект „Нашите тела не се табу“ што се спроведува во Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора со поддршка од Министерството за Европа и надворешни работи на Франција и амбасадите на Франција во самите земји. Во Северна Македонија проектот го спроведуваат здруженијата ХЕРА и Тиииит! Инк. со поддршка од Француската амбасада.