„Хелпни ми брат“, „ty“, „ts“: Интернет комуникацијата на младите го нарушува или го збогатува јазикот?

Професорката по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, Татјана Алексиќ смета дека не може да се зборува или пишува течно и правилно ако не се читаат книги | Фото: лична архива

„Хелпни ми брат“, „тс“ (те сакам), „ty“ (thank you), „нзм“ (не знам), „пошо“, „Не ме сфаќај офенсивно“ (навредливо), „шерни ja фоткава“, „бустни ме“… Ова е само еден мал дел од изразите кои ги користат младите луѓе во нивната секојдневна усна, но и во нивната пишана виртуелна комуникација. Ја губиме ли битката за зачувување на јазикот или пак, ваквиот начин на комуникација е донекаде прифатлив со оглед на новото време во кое живеат младите? За овие прашања поразговаравме со професорката по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, Татјана Алексиќ, како и со универзитетскиот професор проф. д-р Бобан Карапејовски.

Алексиќ смета дека интернет комуникацијата неизбежно создаде и оспособи (генерација која работи со палци на тастатура), нова т.н. „палец” генерација (Y Z), односно млади луѓе кои вешто владеат со новата технологија и новите медиумски канали.

– Сѐ повеќе се користи компјутерската технологија уште од најмала возраст, во училиштата и како нагледни и како задолжителни средства за учење, околу што ќе се кршат копјата и после пандемијата. Во различноста на перцепцијата и поделеноста на ставовите, компјутерите за некого се исто што и вакцините, заговор, чип, нужно зло. Но, факт е дека живееме во нов милениум и мора да се адаптираме на новите животни услови. Мојот став е комбинација на класичното учење и користење учебници (секако проверени од стручни тимови), со учество на ИКТ во наставата – вели професорката.

Таа додава дека сѐ почесто ги гледаме малите деца со таблет или мобилен во рака, а сѐ поретко со книги и сликовници.

– Тука е јазолот, причината за промена на изразните средства и стилот на комуникација, сѐ покуси реченици, сѐ почести жаргонизми, англонизми, скратеници и јазици на компјутерската технологија. А не може да се зборува или пишува течно и правилно ако не се читаат книги – додава Алексиќ.

Фразите заменети со „гифови“

Јазикот, потсетува таа, како најсовршено средство за комуникација, содржи сигнали и симболи, кои ги користиме и препознаваме свесно и спонтано, но модерниот компјутерски речник ги замени со т.н. емотикони, а фразеолошките изрази и идиоми се заменети со готови слики или „гифови”.

– Комунукацијата е клонирана, нема индивидуалност и автентичност, такви се и писмените задачи, „копипејст”. Жаргонот е многу чест во разговорниот јазик, кога ги слушате или читате младите како зборуваат на нивен сленг или таен јазик делува симпатично, „пошо” „секад” уфрлаат по некоја нова кованица или позајмица од туѓ јазик за да звучат интересно. Ете токму тоа „секад” излегло од српското „никад”, без оглед што Србите користат „увек” за „секогаш”. Или туѓата позајмица, преадаптирана и скратена „пошо” е од „пошто” (јер, због…) на српски јазик, а ние во македонскиот ги имаме преубавото „бидејќи”, скратеното „зашто” (од „затоа што”), архаичните „оти” и „дека”. Преубав ни е и зборот „благодарам” ама ете, го истиснуваме со турцизмот „фала” англонизмот „тханкс” и слично – додава професорката.

Да им зборуваме литературно, но и да ги оставиме децата на „раат“

Според неа, жаргоните во литературните дела добиваат уметничка вредност.

– Во драмите на Горан Стефановски скопскиот сленг од времето на Вардарска Бановина и тоа како има уметничка вредност. Нашата должност, како учители и наставници, е да зборуваме литературно на часовите, да ги поправаме учениците кога зборуваат или пишуваат неправилно, да ги мотивираме да читаат, говорат и пишуваат, но да ги оставиме на „раат” во нивната меѓусебна комуникација. Стилот на говорењето е слично како и стилот на облекувањето, не секаде можеш со ист стил да зборуваш или да се облекуваш. Замислете во полна дискотека некој да ви се обрати вака: „Се извинувам, ако може да се поместите малку улево, сакам да нарачам пијалок”! Ниту ќе ве слушне ниту разбере, патем поекономично и поефективно е: „брат плиз мрдни” – нагласува таа.

Недозволиво и недолично е, според неа, при јавно медиумско обраќање користење сленг и жаргон.

– Воопшто не звучи симпатично кога ги слушаме политичарите и парламентарците кога користат нелитературен јазик. Електронските медиуми, како „Фејсбук“, „Твитер“, „Тик-ток“ и слично, се друг вид на јавна комуникација и таму секој со својот ум и потреба, без цензура – потенцира професорката Алексиќ.

Ниедно „поз“ или „лол“ не може да влијае негативно на јазикот

Сосема е нормално комуникацијата очи в очи, наспрема онаа што како канал користи некое електронско средство, да биде различна. Па, така, ние не зборуваме на ист начин кога со некого ќе се сретнеме во живо, на пример, или на телефон. Во таа смисла, она што се појавува како тенденција со јазикот на интернетот, како што, условно, можеме да ги класификуваме сите оние начини за размена на информации од типот на месинџери, Вајбер, форуми и слично, е сосема нормална појава, смета проф. д-р Бобан Карапејовски.

– Протокот на информациите станува многу побрз, па тој бара и таков тип на одговори. Логично, тоа придонесува за појава на голем број скратувања или зборови што нешто значат само во топ определен контекст. И, сè додека нема пречки во разбирањето, тоа не е нешто што е проблем за јазикот. Посебно што, тоа не може да го загрози, зашто не „чепка“ во системот на функционирањето, туку само создава потсистем соодветен за определен контекст или канал (средство за пренос на информациите). Особено што обично ваквите пројави се најчесто врзани само за лексичкиот фонд, а не и за граматичкиот систем на јазикот – смета професорот.

Ниту едно „поз“ или „лол“, потенцира Карапејовски, не може да влијае негативно врз ниту еден, па ни врз македонскиот јазик. Како што ниту еден латинизам,  интернационализам или турцизам, при првичното навлегување во македонскиот, и покрај почетната невообичаеност, понатаму не го нарушил јазикот (како систем), смета професорот.

Тие работи, според него, само можат да го збогатат јазикот, ако се користат во точно определени услови и ако помагаат разбирањето во тоа опкружување да биде целосно и соодветно.

– Всушност, образованието, медиумите и околината треба да ја развиваат свеста за т.н. регистри и на тој начин да се развие чувството што е соодветно да се употреби како збор или конструкција, ако зборувате со семејството, на јавен настап, во официјална електронска порака или, пак, си зборувате со пријателите на кафе или си се допишувате со нив – додава тој.