„Гугл“ ги објави пребаруваните термини кои бележат најголем скок во 2020 година

Google
фото: Benjamin Dada на Unsplash

„Гугл“ (Google) ја објави листата на топ трендинг пребарувања на светско ниво за 2020 година. Листата не се однесува на најпопуларните поими во 2020 година според бројот на пребарувања, туку на пребарувањата кои имале најголем скок во интернет сообраќајот во споредба со 2019 година, соопштија од „Гугл“.

Поимите кои годинава се најдоа на врвот на листата на „Гугл“ ја рефлектираат годината која беше поразлична од сите претходни. Испратени дома и советувани да не се социјализираат и да не излегуваат освен за неопходни и итни потреби, луѓето најголемиот дел од времето годинава го поминаа дома и онлајн. Затоа не е изненадување што листата ја предводат пребарувањата за коронавирусот (coronavirus), потоа резултатите од изборите во САД (election results), смртта на НБА играчот Коби Брајант, како и платформата за видео состаноци, Zoom.

Најпребаруваните трендинг поими во областа на вестите вклучуваат и пребарувања на поимот „Иран“ (Iran), откако на почетокот на годината оваа западноазиска држава и САД речиси влегоа во отворен конфликт, како и „Бејрут“ (Beirut), поради немилиот настан во август кога огромно количество на амониум нитрат експлодираше во главниот град на Либан. Исплашени од актуелната пандемија на коронавирус, луѓето ширум светот особено се заинтересирале и за хантавирусот, со што поимот „hantavirus“ се најде на петтото место на најпребарувани поими во областа на вестите.

Џо Бајден
Новоизбраниот американски претседател бележи најголем скок во пребарувањата на „Гугл“ во 2020 / фото: Pixabay

Најпребарувани глобални личности, пак, биле политичарите и светските лидери, па така оваа листа ја предводат Џо Бајден, Ким Јонг Ун, Борис Џонсон, Камала Харис, како и актерот Том Хенкс.

Помеѓу најпребаруваните личности кои годинава го загубија животот, покрај Коби Брајант, се и убиениот афро-американец Џорџ Флојд, актерите Наја Ривера и Чедвик Боузман и други.

Помеѓу филмовите, најпребаруван бил победникот на Оскарите, јужнокорејскиот филм „Паразит“ (Parasite). Во делот на забавата најголем раст во пребарувањето на игри бележи играта Among US, како и Fall Guys: Ultimate Knockout.

Најпребаруван рецепт  годинава бил рецептот за т.н „Далгона кафе“ кое за време на карантинот привлече многумина, а се обидуваа да го направат и голем број светски познати личности. Од концертите, најголем интерес имало за концертот „Together At Home“, на кој онлајн настап имаа многу познати пеачи, а истиот беше поддржан од Светската здравствена организација заради промоција на социјалното дистанцирање и седењето дома.

„Гугл“ објави дека повеќе од било кога порано, луѓето годинава го пребарувале и поимот „Инсомнија“, што укажува на тоа дека многумина имале проблеми со спиењето. Нешто што најмногу луѓе сакале да го научат годинава било кодирањето (how to start coding), а помеѓу најпопуларните програмски јазици бил Python.

Далгона кафе
„Dalgona coffee“ бил најпребаруваниот рецепт на „Гугл“ годинава / фото: Pixabay

Луѓето годинава особено биле заинтересирани и за тоа како можат да помогнат во пожарите во Австралија, во движењето Black Lives Matter, а прашањето „како да донирам“ (how to donate) било двапати повеќе поставено во однос на прашањето „како да заштедам пари“ (how to save money).

„Гугл“ забележува и други интересни статистики, кои покажуваат дека луѓето повеќе гледале кон иднината отколку кон враќање во минатото. „Како да се промени светот“ (how to change the world) било двојно повеќе пребарувано од „како да се вратиме во нормала“ (how to go back to normal).

Медицинските работници инспирирале многумина, па  во 2020 година како година на пандемија, „Гугл“ забележал особено голем интерес за тоа како може да се стане медицинска сестра (nurse).

Од виртуелните тури, најголем скок во бројот на пребарувања има поимот „виртуелен музеј“ (virtual museum).

Од „Гугл“ сооптшија дека во 2020 година, повеќе од било кога, луѓето поставувале прашања кои почнуваат со „зошто“ (зошто се нарекува Ковид-19, зошто НБА е одложена, зошто се чувствувам толку изморено, зошто тоалетната хартија е распродадена и други).