Србиновски мост, највисокиот железнички вијадукт во земјава

Ангажираните консултанти минатиот месец до Министерството за транспорт и врски го доставија целиот сет од пред-физибилити студијата за пругата Скопје-Кичево на Коридорот 8 во финална верзија која е одобрена од сите инволвирани страни. Станува збор за првиот документ од низата што ќе следат во функција на зголемување на брзината и подобрување на безбедноста на оваа железничка делница во согласност со стандардите на ЕУ. Документот е подготвен со средства од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) на ЕУ.

„Пред-физибилити студијата дава осврт на состојбата на пругата во овој момент, земајќи ги во анализа сите објекти што се наоѓаат по трасата, од мостови, тунели, згради, уреди за сигнализација и други објекти. Исто така, дава опции за идно подобрување на целата инфраструктура“, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за транспорт и врски.

Пругата од скопската населба Ѓорче Петров до Кичево е со должина од 102,6 километри и е изградена во 60-тите години на минатиот век, а пуштена е во употреба во периодот 1968-1969 година. На овој импозантен проект од времето на Југославија се наоѓа и најдолгиот тунел на Балканскиот Полуостров – тунелот „Буковиќ“ долг над 7 километри (7.062 метри) и највисокиот железнички вијадукт во земјава – Србиновски мост, и двата лоцирани на пругата меѓу Гостивар и Кичево.

По изготвувањето на пред-физибилити студијата, треба да следи изработка на детална студија за изводливост на проектот за реконструкција на пругата Скопје-Кичево, со анализа на трошоци и придобивки, како и студија за влијание на проектот врз животната средина. Дополнителни средства ќе бидат потребни и за подготовка на идејниот и основниот проект.

Последен пат оваа железничка линија беше реконструирана неколку години по воениот конфликт во 2001 година во земјава, кога беше оспособена за одвивање сообраќај. Официјално, максималната брзина на движење на возовите е 100 километри на час меѓу Скопје и Гостивар, како и 80 километри на час во делот меѓу Гостивар и Кичево. Сепак, поради недоволните средства за одржување и природните непогоди, брзините на движење на одредени нејзини делови се помали.

Покрај обновата на самата пруга, недостасуваат и современи сигнални уреди, како и електрификација на едноколосечната пруга, како би можело во иднина да се оствари железничкото поврзување меѓу Македонија и Албанија преку нејзино продолжување во правец кон албанскиот град Лин.

Пругата Скопје-Кичево денеска е со потпросечна искористеност на нејзините капацитети, со функционирање на само еден пар патнички возови дневно меѓу двата града. Податоците за возните километри пак во товарниот сообраќај за третиот квартал од 2020 година, покажуваат дека само 1 отсто од нив се реализирале на пругата Ѓорче Петров-Кичево, се наведува во Кварталниот извештај на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ.