Гостување на Народниот театар од Белград, балетот „Жизел“ в среда во Националната опера и балет

Фото: Национална опера и балет

На 21 декември со почеток во 20 часот на големата сцена на Националната опера и балет во Скопје, ќе гостува Народниот театар од Белград со балетската претстава „Жизел“ од Адолф Адам.

Овој настап се случува во рамките на неодамна потпишаниот меморандум за соработка меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија „Open Balkan Theatre / Театар Отворен Балкан“, кој е во насока на посилно поврзување на најважните национални културни институции.

Диригент на претставата е Иван Еминовиќ.

„Магичната и безвременска приказна за несреќната љубов е преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам, а во кореографија на Леонид Лавровски според Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа. За кореографска реализација задолжена е Катарина Обрадовиќ , костимографијата е на Божана Јовановиќ, а сценографијата на Борис Максимовиќ. Концерт-мајстор е Климент Тодороски“, информираат од Националната опера и балет.

Во насловната улога ќе настапи Бојана Жегарац – Кнежевиќ, во улогата на Алберт ќе настапи Хозе Иглесиас, а во улогата на Хиларион ќе настапи Никола Бјанко.
Настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Народниот театар од Белград, во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет.