(ГАЛЕРИЈА) Во долги редици на дожд, студентите со часови чекаат легло во студентскиот „Гоце Делчев“

„Дојдени сме од 9 утрово, го чекаме синот, еве стигна до средината на редицата, којзнае уште колку ќе чекаме“, ни рекоа родителите на еден од студентите

Метеж пред влезот на блокот „Б“ во студентскиот дом „Гоце Делчев“ / фото: Мета.мк

Дожд, кал, наводенети документи и гужва од чадори под кои стотици студенти го чекаат својот ред – ваква е денес сликата пред студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Од денес започнува вселувањето во студентските домови пред стартот на новата академска година. Гужвите и чекањето со часови ниту годинава не го одминаа студентскиот „Гоце“, кој е најголем од сите студентски домови што во моментов се во функција.

Студенти и нивни родители со куфери во рацете може да се забележат пред секоја од четирите згради кои се дел од овој студентски комплекс.

Најдолга е гужвата пред блокот „Б“, каде студентите – идни станари најпрво треба да појдат за да ги платат и земат потребните документи, а потоа да заминат да чекаат ред и во зградата во која одбрале да бидат сместени.

„Дојдени сме од 9 утрово, го чекаме синот, еве стигна до средината на редицата, којзнае уште колку ќе чекаме“, ни рекоа родителите на еден од студентите што добил легло во „Гоце Делчев“.

„Успеав да ги подигнам документите за еден час, сега чекам ред за да се вселам во зградата. И таму има гужва – не толку колку за документи, но се чека подолго за да ти доделат соба“, изјави студент што чекаше ред за да се всели во блокот „В“.

Надлежните од Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД Скопје) пред повеќе од две години најавија дека процесот на вселување ќе се дигитализира со цел да се намалат гужвите, но тоа до денес не се случи.

Студентите сместени во домовите под капа на ДСД „Скопје“ („Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“) минатите две години плаќаа по 300 денари за студентски картички, кои не им послужија речиси за ништо.

Годинава овој трошок повеќе не е предвиден. Студентите во „Гоце Делчев“ сега при вселување плаќаат 500 денари за потребните документи, 1.200 денари надомест за амортизација и 3.645 денари станарина за месец септември.

Вселувањето во државните и приватните студентски домови за студентите од втора и повисоките години ќе трае во наредните десет дена.

Во меѓувреме, од денес за сместување во студентски дом може да аплицираат и студентите во прва година – бруцошите.