Фото-сторија: Пеликаните, кормораните и рибарите во заеднички риболов на Дојранското езеро

Фото: Мета.мк

Кадроглави пеликани, заедно со традиционалните корморани и бројни рибари, деновиве се секојдневни гости на Дојранското езеро. Разновидните и многубројни риби се заедничкиот интерес којшто ги привлекува луѓето и птиците и во зимските месеци да се дружат со езерските води.

Фото: Мета.мк

Веќе подолг период наназад, водостојот на Дојранското езеро е повеќе од два и пол метри над просекот со што го привлекува интересот на бројните граѓани чија пасија е спортскиот риболов. Ова езеро е извор на заработка на голем број граѓани од Дојран и околните населени места од ловењето на риба, но и на угостителските објекти кои подготвуваат свежи специјалитети од риба.

Фото: Мета.мк

За разлика од верната дружба на кормораните со дојранските рибари што трае со поколенија наназад, пеликаните во зимскиот период од ноември до март се гости на Дојранското езеро поради топлите води и богатиот рибен фонд.

Фото: Мета.мк

Нивниот „танц“ во групи при ловот на риби е неповторливо доживување, а распонот на нивните крилја е посебно доживување.

Фото: Мета.мк

Дојран зимскиот период плени со тишина и спокој, којшто е далеку од градската врева и грижи, што е уште еден мотив повеќе за рибарите да се упатат кон оваа позната туристичка дестинација во земјава.