Филмот за геноцидот во Сребреница „Quo vadis, Aida?“ прогласен за европски филм на годината

Насловната слика од промотивниот видео клип на Јутјуб за филмот „Quo vadis, Aida?“

Филмот на босанската режисерка Јасмила Жбаниќ „Quo vadis, Aida?“ ја доби наградата за филм на годината на доделувањето на Европските филмски награди, манифестација која често се опишува како еквивалент на американските „Оскари“.

Жбаниќ ја освои и наградата за најдобра режисерка, додека носителката на главната улога во филмот, српската глумица Јасна Ѓуричиќ, е прогласена за европска актерка на годината за 2021 година.

Во филмот е прикажана сторијата на преведувачката Аида во текот на воените дејствија во и околу Сребреница во јули 1995 година, кога Војската на Република Српска и паравоени единици од Србија под команда на Ратко Младиќ извршиле геноцид со масакрирање на над 8000 мажи и момчиња поради нивната бошњачка етничка припадност.

„Овој филм е посветен на жените и мајките од Сребреница. Тие најдоа начин да градат мир во една уништена земја. Жените се секогаш присилени да наоѓаат решенија за нередот направен од мажите. Се надевам дека оваа награда ќе инспирира нови жени филмаџики и нови женски приказни. Како автори на филмови имаме одговорност да ја пренесеме вистината до нашата публика. Тоа може да е тешко и непрофитабилно. Но тоа е нашата должност. Ви благодарам многу“, изјавила Жбаниќ на доделувањето.

Меѓу добитниците на другите овогодинешни Европски филмски награди се британскиот актер Ентони Хопкинс (83) за главна машка улога во филмот „Татко“ (The Father) на францускиот режисер Флориан Зелер, кој ја прими наградата во негово име преку видео-врска. Зелер е добитник на наградата за сценарист на годината.

Наградата за краток филм ја доби молдавската режисерка Олга Луковницова, додека за анимиран филм беше награден „Flee“ на данско-францускиот режисер Јонас Похер Расмусен.

Предмет на цензура во делови на Западен Балкан

Филмот „Quo vadis, Aida?“ е босански кандидат за „Оскар“, а има добиено и низа други награди, но е цензуриран во делови на Балканот каде што се негира геноцидот во Сребреница.

Прикажувањето е де факто забрането во кината во Република Српска, ентитетот на Босна и Херцеговина во кој се наоѓа тој град. Исклучок е една проекција во бившата фабрика на акумулатори во Поточари, локацијата на бившата база на ООН, одржана во октомври.

Филмот не е прикажан ниту во кината во Србија, додека на филмскиот фестивал во Жабљак во Црна Гора неговото најавено прикажување беше откажано по интервенција на просрпската Социјалистичка народна партија (СНП), која е дел од владината коалиција. Притоа, претставникот на СНП Миланко Ќетковиќ изјавил дека воопшто го нема гледано филмот туку за него „чул сосем доволно од академски расправи и медиумски извештаи“.

Според јавно достапните информации, филмот „Quo vadis, Aida?“ во Република Северна Македонија до овој момент e јавно прикажан само еднаш, на 20 јули 2021 година во рамките на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Скопје.

Корисници на социјалните мрежи од регионот укажуваат дека слични тенденции на „игнорирање“ на филмот и неговото значење има и кај голем дел од медиумите во регионот.

Така на пример, Милош Адамовиќ од Србија, на Твитер посочува:

„Ги одгледав сите вечерни вести на телевизии со национална фреквенција. Не само што не беше прва вест, туку никој ниту спомена дека Јасна Ѓуричиќ го доби европскиот Оскар. И тоа во конкуренција со Кери Малиган. Машкиот го доби Ентони Хопкинс. Да имаше победено во бочање, ќе беше главна вест“.