„Филхармонија на отворено“ на 19 јуни во Градски парк

Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, а кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“

Фото: Мета.мк

И оваа година, Филхармонија ќе го реализира традиционалниот концерт „Филхармонија на отворено“. Концертот ќе се одржи во среда на 19 јуни во Градскиот парк со почеток во 21 часот.

„На 19 јуни одиме на футуристичко патување низ дел од филмографијата на најкреативниот режисер на сите времиња – Стенли Кјубрик, визионерот кој изврши огромно влијание врз светската филмска уметност. Концертот носи наслов „Одисеја 2024“, кој е инспирација од неговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“, но и кој ја најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија во јубилејот којшто годинава го слави оваа најстара национална институција – 80 години од постоењето“, информираат оттаму.

Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, а кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.

Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика.