дигитален паричник
фото: CardMapr.nl на Unsplash

Европската Унија го објави својот план кој ќе им овозможи на граѓаните да го докажат својот идентитет и да споделуваат електронски документи преку нов „дигитален паричник“ на нивните мобилни телефони.

На овој начин европските граѓани ќе можат во електронска форма да ги складираат сите важни официјални документи за докажување на идентитетот, како пасоши, лични карти, здравствени легитимации, возачки дозволи, училишни дипломи и банкарски сметки, без притоа да мораат да споделуваат чувствителни податоци со трети страни.

Дигиталниот паричник е дизајниран за да им ги олесни на граѓаните процесите како што се изнајмување на стан или автомобил, поднесување на даночни пријави, отворање на банкарски сметки надвор од нивната матична земја или запишување на некој од европските универзитети.

Исто така, треба да им овозможи на компаниите да понудат многу нови услуги за корисниците поради „сигурната и доверливата природа на технологијата“.

„Европскиот дигитален идентитет ќе ни овозможи во секоја земја-членка да го правиме истото што го правиме и дома, без дополнителни трошоци и со помали пречки. Ова е единствена можност која сите нас ќе нѐ одведе понатаму во искуството на тоа што значи да се живее во Европа и да се биде Европеец“, рече Маргарет Вестагер, еврокомесарка за дигитални прашања.

Електронскиот паричник нема да биде задолжителен за сите граѓани на ЕУ и тие сами ќе одлучуваат колку и кои документи и лични податоци ќе ги внесат во него. Земјите-членки ќе бидат обврзани да им го понудат паричникот на своите граѓани, а од институциите и бизнис платформите ќе се бара да ги прифатат личните карти доколку жителите сакаат со нив да го докажат својот идентитет или возраста.

Европската комисија соопшти дека се надева оти до септември следната година земјите-членки ќе се согласат околу спроведувањето на предложената рамка за дигиталниот идентитет .