Елези: Проблемот со отпадоците не се решава преку ноќ, треба да тргнеме од себе

Фото: Порталб.мк

Зибиџет Елези, еколошка активистка, за Порталб.мк зборуваше за проблемот со отпадоците, депониите и недостигот на рециклирање во Тетово. Според неа, проблемите во животната средина не може да се решат преку ноќ, меѓутоа може да се почне со рециклирање и со личен придонес.

Како го гледате вие проблемот со отпадоците во нашата земја?

Секој од нас, во населбата каде што живее, се соочува со контејнери преполни со отпадок од сите категории, вклучувајќи и домашен мебел, градежен материјал, бела техника и др. Сето тоа се мрачни глетки, кои за жал му даваат печат на нашиот град, како град на отпадоци.

Што мислите дека е главниот проблем со лошото управување со отпадоци?

Нашиот град има бројни проблеми, еден од нив е и лошото управување со отпадоци. Причината за тоа е во фактот што не постои систем за рециклирање, којшто несомнено би придонел и значително би помогнал во намалување на отпадоците што го задушуваат нашиот град.

Кои се ефектите што ги произведуваат отпадоците во градските улици врз жителите, дали има, и кои се последиците?

Ефектите што отпадоците ги имаат врз жителите се бројни и дефинитивно имаат значителни последици за целиот град, како прво визуелно, бидејќи сакале или не, тоа едноставно е нашиот одраз, а потоа локациите каде се фрлаат отпадоци се извор на многу болести, извор на реа и места каде се собираат кучиња скитници.

Според вас, кои се решенијата за овој проблем?

Едно нешто треба да ни биде јасно, а тоа е дека проблемот кој со децении ги засега граѓаните не може да се реши преку ноќ, но решенија постојат и треба да се почне од некаде, а треба да се почне од свеста, бидејќи ние, луѓето, сме главниот фактор во заштитата или уништувањето на животната средина генерално. Да го охрабриме поединецот дека може и треба да даде придонес за одржување на јавната чистота, како што внимаваме на домовите и нашите градини, исто треба да се грижиме и за јавните простори.

Што мислите за постоењето на депониите во Тетово?

Друг проблем што налага итно решавање несомнено е и постоењето на дивите депонии, и што е најризично, овие депонии се создадени и се функционални и во плодни земјишта, а не исполнуваат никаков стандард за депонии, туку претставуваат опасност за здравјето на граѓаните.

Каде е проблемот со рециклирањето? Што го спречува овој процес?

Проблемот на рециклажата е во самиот факт дека градот воопшто нема ваков систем. Да беше функционален секако дека би послужил барем за намалување на количината на отпадоците, на почетокот да се создаде навика кај граѓаните за селектирање на отпадоците со што би се олеснило нивното рециклирање како што е: рециклирање на хартија, стакло и пластика.

Процесот на рециклирање е проект на кој треба да се пристапи со сериозност, а ова бара максимално ангажирање од страна на соодветните институции, невладините здруженија и се разбира на самите граѓани. Да се организираат акции што ќе овозможат сите да се научиме да селектираме и потоа да ги изнесуваме на соодветните локации, поконкретно во контејнерите што се означени за хартија, стакло или пластика, едноставно да им се створи навика на граѓаните дека треба да селектираат.

Кои се придобивките за граѓаните?

Придобивките ќе бидат бројни, ќе имаат чисти јавни површини, и со тоа поздрава животна средина за самите нив и нивните деца, и ќе се чувствуваат не само како корисници туку, и ќе придонесуваат во заштитата на животната средина.

Како влијае недостигот од рециклирањето на отпадоци?

Немањето рециклажа автоматски влијае во зголемување на количините отпадоци бидејќи, во земјава, наместо да се намалат количините на отпадок, се прави спротивното, се искористуваат нови ресурси за создавање на истиот производ, кој повторно ќе заврши во депонија, значи, наместо да се штити, уште повеќе се оштетува животната средина. Затоа, рециклажата нуди повеќекратна употреба на отпадоците заштедувајќи ги природните ресурси во производството на продукти коишто лесно може да се рециклираат и со ова ја остваруваме и главната цел за намалувањето на количините на отпадок. Процесот на рециклирање на отпадоци треба дефинитивно да го поддржат најпрво јавните институции користејќи производи кои содржат печат дека се рециклирани. Ова би била мотивација и поттик за граѓаните да постапуваат на ист начин.

Доколку воспоставиме систем за рециклирање, дали имаме механизми што ќе гарантираат негова примена и дали кај граѓаните постои свест во врска со рециклирањето на отпадоците, кога сѐ уште отпадокот се фрла во река?

Механизмите ќе се воспостават преку тесна соработка со граѓаните и преку подигање на нивната свест, мотивирајќи и поттикнувајќи ги, обезбедувајќи им семеен контејнер што би им овозможил селектирање на отпадокот што може да се рециклира, бидејќи, на крајот од краиштата, сето ова ќе биде за нивно добро, да имаат почист, поквалитетен живот но несомнено и за доброто на идните поколенија.

Исто така, посебен акцент треба да се посвети и на младите генерации, бидејќи, иднината им припаѓа нив. Во училиштата треба да се обезбедат контејнери кои нудат селектирање на отпадокот, и потоа истото ќе резултира и со рециклажа. Само со акции кои би биле долгорочни, успехот нема да недостига и така, полека но сигурно ќе создаваме граѓани кои се одговорни и пријателски кон животната средина.