ЕБОР ги обезбеди средствата за изградба на регионалните депонии во земјава

Фото: Мета.мк

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди поволни средства во вредност од над 200 милиони евра за реализација на регионалните проекти за управување со отпад и проектот за изградба на делница од автопатот Скопје-Блаце. Станува збор за клучни проекти кои државните власти две децении бараат средства за нивна реализација.

„Предлог законите за обезбедување на средствата од оваа меѓународна финансиска институција предложени од Министерството за финансии, беа прифатени на вчерашната владина седница. Договорите за реализација на проектите со ЕБОР, после усвојување од страна на Собранието на Република Северна Македонија, ќе бидат потпишани од страна на Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање и Јавното претпријатие за државни патишта“, информираат денеска од Министерството за финансии.

Со предлог-законот за задолжување на РСМ со заем кај ЕБОР по Договорот за заем за финансирање на Регионалниот проект за цврст отпад се обезбедуваат 55 милиони евра со рок на отплата од 15 години. Минатата година беа побарани овие средства за изградба на регионалните депонии од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Целта на овие средства е да помогне на земјата во развојот на регионалните системи за управување со отпад во одредени региони на Република Северна Македонија, односно воспоставување регионален систем за управување со отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион.

Имено, „Мета.мк“ години наназад и во 2021 година пишуваше за неопходноста Македонија во следната, односно 2022 година да преземе чекори за воспоставување на регионални системи за управување со отпад, што претставува и директна препорака од Европската комисија наведена во Извештајот за остварениот реформски напредок на земјава за 2021 година.

Цели 17 години се чека на изградба на регионалните депонии, ЕУ бара акција од властите

Од Министерството за финансии известуваат дека со предлог законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово, се предвидува да се обезбедат 167,6 милиони евра од ЕБОР, кои се обезбедуваат со рок на отплата од 16 години.

„Со ова се комплетира финансиската конструкција за реализација на овој проект. Покрај средствата обезбедени од ЕБОР, ќе се финансира со грант средства од Инвестициската рамка на Западен Балкан во рамките на (ВБИФ) во износ од 26,5 милиони евра. Целта на овој проект е да се подобри патната инфраструктура во земјата, односно предвидува изградба на втората подделница која се однесува на останатиот дел од автопатот Блаце – Скопје, со што, значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, ќе се подобри безбедноста на патот и ќе се скрати времето на патување, ќе се зголемат можностите за социо–економски развој, како на национално, така и на регионално ниво“, стои во соопштението испратено од Министерството.

Како за проблемот со недостаток на регионални депонии, „Мета.мк“ и „Portlab.mk“ претходно и во неколку наврати пишуваа и за големата потреба за забрзување на постапката за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

Автопат Скопје – Блаце: Две децении ветувања за 12,5 километри дупки и нерамнини (видео)