Вообичаено утро во пекара во Скопје. Две четвртини бурек и две чашки јогурт, ѝ вели купувачот Томе на продавачката. Тој излегол да купи доручек за своето семејство, но заборавил со себе да земе платнена торба. И да ја зел со себе, продавачката сепак ќе се изненади дека Томе ѝ нуди торба за да го стави бурекот и одговара дека сепак ќе ги стави продуктите во пластична ќеса, и тоа јогуртот во посебна, за да не се олади бурекот ако ги спакува заедно во една ќеса. Томе на крајот излегува од пекарата со две пластични ќеси, две чашки јогурт и измрсена хартија. По доручекот, сето ова како ѓубре за еднократна употреба ќе се фрли во кантата за отпадоци, кое потоа ќе заврши како измешан отпад во депонијата „Дрисла“.

Во горнава приказна ништо не е чудно, бидејќи ваквото секојдневие го живеат најголемиот дел од граѓаните во земјава. „Мета.мк“ веќе пишуваше дека во поглед на развиените западноевропски земји, Македонија е децении наназад во поглед на третманот на отпадот. Бројот на активни граѓани и субјекти кои се грижат за ова прашање се зголемува непропорционално со порастот на ѓубрето што се создава низ годините, а државата и општините во изминативе деценија и пол не успеаја да изградат ниту една регионална депонија, ниту пак да се потрудат во доволна мерка да ги поттикнат граѓаните да отпочнат со реупотреба на отпадот и со негова селекција во домовите.

На крајот од 2020 година, Министерството за животна средина и просторно планирање ја доврши изработката на новиот Национален план за управување со отпад за периодот 2020-2030 година. Документот е амбициозен, но не е прв, а ниту последен, кој е преполн со ветувања со рокови, за кои на крајот никој не одговара доколку не се исполнат. Според планот, на крајот од следната деценија во земјава би биле изградени шест регионални депонии за современ третман на комуналниот отпад, со зацртана цел, 25 отсто од сиот комунален отпад да се рециклира веќе во 2025 година.

До 2030 година, комуналниот отпад од сите домаќинства во земјава ќе треба да се собира, но и да се реши проблемот со чистењето и затворањето на сите ѓубришта и сметилишта “распослани” во природата. Треба да се изградат три нови постројки за третман на био-отпад, да се спроведат четири опсежни кампањи за населението за одделно собирање, предавање на отпадот, но и за освестување на граѓаните во насока на создавање на помалку отпад. Дополнителни решенија се нудат и за комерцијалниот и индустрискиот отпад, отпадот од градежништвото, медицинскиот отпад, опасниот отпад, за милта што ќе ја создаваат пречистителните станици за отпадни води… Колку за илустрација, само финансирањето на изградбата на една регионална депонија и целокупен систем за управување со отпад во два региони во земјава (Источен и Североисточен) ќе чини 40 милиони евра.

Not in my backyard

Приказната за регионалното управување со отпадот во Македонија започнува во 2004 година, со донесување на Просторниот план кој предвидел изградба на осум регионални депонии во земјава. 16 години подоцна, сите осум региони имаат усвоено регионални планови за управување со отпад, но во ниту еден од нив не е изградена современа стандардна депонија што ќе ги опслужува регионите.

Наместо ова, во изминатава една и пол деценија во речиси сите осум региони се појави незадоволство од отворањето на регионалните депонии. Општините каде тие би се граделе се бунат и бараат дислокација, месното население нецелосно информирано организираше протести, петиции, блокади и други форми на притисок, додека градоначалниците и општинските совети ги следеја ваквите граѓански акции за да го спласнат незадоволството на населението. Во меѓувреме, дури и земјите од соседството успеаја да не престигнат и да постават построги критериуми, па така Србија, од 26 регионални депонии, до 2020 година изградила 10 на кои се применува технологија за управување со отпадот, што за тамошните медиуми од денешна перспектива е премалку.

„Мета.мк“ се обиде да стапи во контакт со општинските и регионалните власти, каде што прашањето за изградба на регионалните депонии прерасна во проблем што доби огромен медиумски публицитет. Со мнозинство гласови, советниците во Советот на општина Росоман уште пред некое време изгласаа дека не сакаат да се гради регионалната депонија за Вардарскиот плански регион на нивна територија.

На прашањето „Кои се главните причини поради кои како општинска власт не се согласувате за да се гради регионална депонија на територијата на вашата општина?“, од општина Росоман кратко ни одговарија: „Ирационални и локал патриотски“. Во однос на прашањето за третманот на отпадот во нивната општина, од локалната самоуправа објаснуваат дека постои нестандардна општинска депонија, но и сметилишта и ѓубришта во голем број, а тие го организираат износот на смет од населените места.

Отпадот депониран во „Дрисла“; Фото: Бојан Блажевски

Од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион во однос на прашањата за регионалната депонија ни одговорија дека истите треба да ги одговори Министерството за животна средина и просторно планирање. Идентичен одговор добивме и од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

„Центарот за развој на Југозападниот плански регион беше вклучен во подготовката на документите поврзани со регионалното управување со отпад пред неколку години. На крајот на 2016 година беа финализирани тие документи но заради реакцијата на општина Дебрца беше побарано да се преработат документите и да се предложи друга локација за депонија. Од тој момент натака целата работа ја превзеде Министерството за животна средина и просторно планирање“, информира за „Мета.мк“ Мирјана Лозаноска, раководител на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Општина Дебрца ја доби битката, откако пред една година Второстепената владина комисија го поништи решението што предвидуваше атарот на село Годивје во оваа општина да биде избран за локација на која ќе се гради регионална депонија со постројка за третман на отпадот за Југозападниот плански регион.

Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески за „Мета.мк“ вели дека ниту тие како општина, ниту нејзините жители, не се против заложбите на Владата за воспоставување на интегриран регионален систем за управување со отпад.

„Недозволиво е локацијата на централната постројка да биде во подрачје кое претставува недопрена природа, подрачје кое е дел од светското природно и културно наследство и кое припаѓа на сливот на Охридското Езеро“, вели градоначалникот Ногачески.

Првиот човек на оваа општина од Југозападниот регион додава дека самата постапка за донесување на документацијата, Планот за управување со отпад за Југозападниот плански регион и Студијата за влијанието врз животната средина била водена крајно нетранспарентно, без да се земат во предвид мислењата на повеќе релевантни институции, како што се Хидробиолошкиот завод Охрид, Управата за заштита на културното наследство, националната комисија на УНЕСКО и други засегнати чинители, додека во самата документација консултантот предложил противречни решенија.

Градоначалникот Зоран Ногачески вели дека локацијата за идната регионална депонија за Југозападниот плански регион мора да биде надвор од сливот на Охридското Езеро, а самиот тој лично смета дека два или три региони од земјава треба имаат една современа постројка. Во однос на дивите депонии, признава дека постојат и на територијата на Општина Дебрца, кои се чистат, но отпадот во моментов завршува на нестандардната депонија Буково во Охрид.

Општините и комуналните претпријатија можат многу повеќе

Од Министерството за животна средина и просторно планирање ни одговорија дека во 2018 година Владата донела одлука да ја преземе обврската од општините во одделни плански региони и да го спроведе процесот за основање на регионалните депонии, вклучувајќи го изнаоѓањето средства за финансирање на овие регионални системи. Досега се обезбедени средства од ЕУ за регионалните системи за управување со отпад за Источниот и Североисточниот плански регион. За Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточен регион се планираат средства преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а за Полошкиот плански регион се добиени средства од владата на Швајцарија.

Сепак, констатацијата дека општините и јавните комунални претпријатија треба да работат многу повеќе, ја дели не само централната власт, туку и друштвата за управување со пакување и отпад од пакување. Од Пакомак ДОО велат дека со неколку исклучоци, комуналните претпријатија во земјава се борат со финансиски проблеми, ниско ниво на оперативно-технички капацитет, превработеност и слични проблеми, кои довеле до долгогодишна летаргична состојба. Тие се надеваат дека јавните комунални претпријатија ќе изнајдат сили истовремено да отпочнат со планско унапредување на примарната селекција и собирањето на амбалажниот отпад, искористувајќи ги во целост сопствените капацитети.

Контејнери за селекција на отпад; Фото: Арбнора Мемети

Пакомак во изминативе 10 години воспоставиле соработка со повеќе од 40 локални самоуправи во Македонија, а до овој момент поставиле 1.400 парчиња пластични контејнери за собирање стаклен отпад. Од таму информираат дека работат на два нови начини на собирање на отпадот од пакување, и тоа на поставување реверзибилни апарати за собирање на ПЕТ амбалажа и алуминиумски лименки, како и на собирачкиот метод „од врата на врата“ преку кој за едно полугодие собрале 40 тони стаклена амбалажа.

Во делот на управувањето со пакување и отпадот од пакување, од Пакомак сметаат дека колективните постапувачи со отпад од пакување со помош од институциите треба да го намалат бројот на правните субјекти кои ги избегнуваат обврските кои произлегуват од актуелниот закон и да најдат механизми да ги вклучат во системите на колективните постапувачи. Инспекцискиот надзор е клучен за долгорочен успех во управувањето со отпадот, велат од Пакомак.

Како да се намали количеството создаден отпад во земјава?

Според проценките на Државниот завод за статистика, лани во земјава биле собрани 632.484 тони комунален отпад, додека сме создале рекордни 456 килограми комунален отпад по глава на жител. Ова значи дека едно четворочлено семејство во просек годишно создало по 1,8 тони, и тоа само комунален отпад, или безмалку, секое домаќинство во просек фрла безмалку 5 килограми отпад секојдневно! Ова неразумно создавање отпад од граѓаните и компаниите доведува до трупање отпад во контејнерите, а потоа и на самите депонии, создавање на сметилишта и ѓубришта на секој чекор, а резултатот е загадување на животната средина – почвата, воздухот и водите.

За Андријана Папиќ Манчева од иницијативата „Од нула до нула“, бројките за создаден комунален отпад во земјава се фрапантни. Таа во 2018 година ја преведе од англиски книгата „Дом со нула отпад“ на Беа Џонсон, која на покана на оваа иницијатива и дојде во Скопје и одржа настан за да помогне во подигањето на свеста за штетните последици од консумеризмот, за огромните количества ѓубре што планетата веќе не може да ги издржи и за моќта на поединецот да ги помрдне работите од мртва точка.

Папиќ Манчева вели дека селектирањето на отпадот е многу важно, но клучниот потег на секој поединец би бил реупотреба на амбалажите и на сите други предмети за кои сметаме дека се отпад.

„Првиот чекор кон нула отпад e да се види што сè има во кантата дома и да се размисли кои амбалажи би можелo да се избегнат“, посочува таа.

Најголемиот дел од намирниците што се користат во нашата кујна може да се најдат рефус и да се купат во хартиени кеси, платнени торби или во садови што би си ги носеле со нас при пазарење. Користејќи торби, чаши и садови за повеќекратна употреба, сите ние како граѓани можеме да ја избегнеме пластиката за една употреба. Дел од козметиката можеме да ја правиме сами, со само неколку состојки што се достапни во реупотребливи амбалажи или да ја купуваме од мали локални производители, вели таа.

„Одличен старт би можело да биде и селектирањето на органскиот отпад и правењето компост. Или избегнувањето кеси. Или купувањето половни парчиња облека. Или намалувањето на внесот на месо и млечни производи“, им ги дава своите предлози Папиќ Манчева на секој поединец што ќе го прочита овој текст.

Петте правила според кои се води Беа Џонсон и таа ги повторува: да се одбие она што не ни треба како граѓани, на пример, флаери, гратис производи, визит-картички и слично; да се редуцира она што всушност ни треба (пример: облека, декоративни предмети, книги, средства за чистење, козметика); да се реупотребуваат/пренаменуваат производите, па така продуктите за еднократна употреба да се заменат со продукти со повеќекратна употреба; да се рециклира она што не може да се одбие, редуцира или реупотреби; и на крај, да се компостира сè што преостанува (органски отпад, влакна, лушпи од јајца, картон, итн.).

Андријана Папиќ Манчева силно верува во моќта на поединецот, и додава дека ако се подига свеста за потребата од намалување на комуналниот отпад кај граѓаните, би требало да се подигне свеста и кај производителите, ама и кај креаторите и донесувачите на одлуки. Таа нагласува дека неодамна Град Скопје ги одбил речиси сите амандмани на Иницијативата „Зелен Хуман Град“, кои вака или онака, таа ги препознава како дел од концептот на нула отпад.

„Идеалот „дом со нула отпад“ е недостижен бидејќи живееме во неодржлив систем. Но, возможно е да се намали количеството на ѓубре што излегува од домот“, заклучува Папиќ Манчева.

Автор: Бојан Блажевски