fbpx

Двојните избори сепак поскапи од поединечните во 2019 и 2020 година – дури 41 отсто од тендерите без оглас

Гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи. Во групата фирми кои традиционално ги добиваат тендерите на ДИК се издвојуваат три фирми

-

Иако едно од образложенијата за организирање на двојни избори беше дека на тој начин ќе се заштедат парите на граѓаните, новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажа дека Државната изборна комисија (ДИК) за заедничките претседателски и парламентарни избори годинава потрошила 767 илјади евра повеќе отколку вкупно потрошените пари за претседателските и парламентарните избори во 2019 и 2020 година. Дури 41 отсто од договорите за јавни набавки за двојните избори, ДИК ги склучила во постапка со директно преговарање, без оглас.

Според истражувањето „Изборите и јавните набавки“ на ЦГК, за спроведување на последните претседателски и парламентарни избори, Државната изборна комисија склучила 22 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 3,4 милиони евра.

„Вредноста на тендерите е поголема за 47 милиони денари (767 илјади евра) од вкупната вредност на тендерите склучени за претседателските избори во 2019 година и за предвремените парламентарни во 2020“, се вели во истражувањето.

фото: „Изборите и јавните набавки“ – Центар за граѓански комуникации

Но, бројот и вредноста на склучените договори за јавни набавки поврзани со овогодишните избори, можат и да се зголемат во следниот период – ДИК иницирала уште неколку постапки за кои сè уште не се објавени известувања за склучување на договорите. Станува збор за набавки на „сигурносни нумерирани пластични ленти за запечатување на гласачки кутии и вреќи за транспорт“, „софтверско решение за сумирање и објава на изборни резултати“, „превод на гласачкиот материјал“ и „хотелски услуги потребни за организација и спроведување на изборниот процес“.

Гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи

Вредносно најголем склучен договор за изборите во 2024 година е за „транспорт и сместување на членовите на изборните органи во дипломатско конзуларните претставништва за избори“, склучен со Друштвото за туризам, промет и услуги Њу вејс оф травел ДООЕЛ Скопје, во вредност од 50 милиони денари (813 илјади евра).

Договорот опфаќа транспорт и сместување на до најмногу 8 лица на 31 дестинација во светот.

Овој договор е повисок дури и од оној за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал што изнесува 46 милиони денари (748 илјади евра), склучен со Акционерско друштво Печатница Киро Дандаро – Битола.

Договорот за печатење на гласачките ливчиња, пак, бил склучен преку постапка со преговарање, без претходно објавување оглас, а за печатење на доверливиот изборен материјал се преговарало само со оваа печатница.

„Оваа нетранспарентна постапка, со одобрение на Бирото за јавни набавки, е применета откако во претходна постапка за која бил објавен оглас се донела одлука за поништување. Вистинската причина за поништувањето не е јавно објавена бидејќи во Известувањето за поништување на постапката е наведено образложение „бројот на кандидати е понизок од минималниот број предвидени за постапката за јавна набавка“, се вели во истражувањето.

Без тендер биле потрошени 1,4 милиони евра

Во постапка со преговарање, без претходно објавување оглас е склучен и третиот по големина договор на ДИК – со фирмата Дермалог Идентификејшн Систем Гмбх, за прилагодување на имплементиран Интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите.

Всушност, дури 41 отсто од вредноста на договорите за јавни набавки се склучени на ист начин.

Станува збор за 5 договори, но сите со висока вредност и тоа за „изработка и печатење на доверлив материјал“, „прилагодување на имплементиран интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите“, „транспорт на доверлив и недоверлив материјал за избори од печатница до ОИК и МНР“, „избор на ПР агенција за обука на гласачи/видео и аудио спот, флаери, плакати и друго“ и „ИТ и техничка опрема за организирање на избори – таблети“.

Преку ваквата нетранспарентна постапка, биле склучени договори во вредност од 87 милиони денари (1,4 милиони евра).

Дел од тендерите за спроведување на изборите беа објавени уште во декември 2023 година. Во процесот кој траеше речиси 6 месеци, биле поништени дури 15 постапки за јавни набавки, што довело до потребата дел од договорите да се склучат преку преговарање, без претходно објавување оглас.

Гледано од аспект на конкуренцијата, просечниот број понуди на тендерите за изборите 2024 година изнесува 2,68 што е на ниво на просекот во земјава.

„Во најголем дел од постапките, односно во 10 од 22 склучени договори, биле доставени 3 или повеќе понуди што упатува на солидно ниво на конкуренција. Но, гледано од вредносен аспект, доминираат постапки (42%) во кои немало конкуренција, односно е добиена по само една понуда“, се вели во истражувањето.

Три фирми се редовни партнери на ДИК

Во однос на носителите на договорите за јавни набавки, може да се каже дека во групата на фирми кои традиционално ги добиваат тендерите на Државната изборна комисија се издвојуваат три фирми – првата е Печатницата Киро Дандаро Битола, втората Друштвото за вработување на инвалидни лица, издавачка дејност, производство, трговија и друго Винсент Графика Жељко и други ДОО експорт импорт Скопје, а третата која, без исклучок, во секоја изборна година е носител на договор со ДИК, е ПР Агенцијата Идеа Лаб – ДЕ Скопје.

„Винсент Графика Жељко“ изработувала легитимации и беџови за изборната администрација, официјалните претставници и набљудувачите, како и заштитни пликови и вреќи за транспорт на доверлив и недоверлив материјал, додека со „Идеа Лаб“ биле склучувани договори за обука на гласачи, видео и аудио спотови, флаери и плакати.

Анализата на движењето на вкупната вредност на договорите за јавни набавки по години покажува дека постои поврзаност меѓу изборите и сумата пари што се троши за јавни набавки. Ова, пред сè се однесува на парламентарните избори – во минатите години, рекордните износи на пари потрошени за јавни набавки се совпаѓаат со изборните години, односно со одржувањето на парламентарните избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Камерите кои треба да ловат сообраќајни прекршоци не се во функција

Камерите кои се поставуваат на скопските сообраќајници, а кои се дел од проектот „Безбеден град“ сè уште не се во функција. Објавата што ја анализираме манипулира и непотребно крева...