„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски ќе има премиера на филмскиот фестивал во Венеција

„Домаќинство за почетници“ е третиот долгометражен филм на режисерот Столевски и прво негово македонско мнозинско остварување

Фото: Лист продукција

Филмскиот фестивал во Венеција, еден од најпрестижните настани во глобалната филмска индустрија, денеска го отвора своето 80-то издание. Во рамки на фестивалот премиера ќе има и македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје.

Во рамките на јубилејното издание, кое ќе трае до 9 септември, ќе бидат прикажани филмски наслови како „Ферари“ на Мајкл Ман, „Маестро“ на Бредли Купер, „Догмен“ на Лик Бесон, „Убиецот“ на Дејвид Финчер, „Присила“ на Софија Копола, а тука е и „Домаќинство за почетници“ на Столевски.

И покрај сегашните штрајкови во Холивуд, на црвениот килим ќе зачекорат ѕвезди како Адам Драјвер, Кејлеб Лендри Џонс, Мадс Микелсен и Џесика Честејн, кои се меѓу познатите лица кои ќе присуствуваат на претстојниот филмски фестивал во Венеција.

„Домаќинство за почетници“, за кој продуцентот Лист Продукција – Скопје има обезбедено дистрибуција на територија на САД преку компанијата Focus Features (Universal Pictures), е третиот долгометражен филм на режисерот Столевски и прво негово македонско мнозинско остварување.

Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал „Санденс“ во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Меѓународниот филмски фестивал во Мелбурн. И двата филма беа интернационално дистрибуирани од страна на Focus Features и Universal Pictures.