Домаќинствата нема да добиваат електрична енергија од малите хидроцентрали, тие остануваат повластени

Од изградбата на мала хидроелектрана на Маркова река | Фото: Приватна архива

ЕВН хоум нема да ја купува електричната енергија од повластените производители коишто користат обновливи извори на енергија, но тоа нема да влијае на нивните повластувања.

Владата ја измени Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, во делот за начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба. Целта е да се намалат трошоците за набавка на електрична енергија со тоа што ЕВН хоум наместо од повластените производители ќе купува од АД ЕСМ Скопје по пониски цени.

Измената на Уредбата, коментираат во граѓанските организации, нема да смени ништо во поглед на повластениот третман на овие производители, во кои спаѓаат и малите хидроцентрали. Додека да важат измените нивното производство ќе се распредели кај сите останати снабдувачи и трговци, што нема да биде тешко бидејќи, во моментов, просечната цена на нивната електрична енергија е неколупати пониска од пазарната цена. Инаку, цената на електричната енергија произведена од малите хидроцентрали и другите повластени произведувачи е законски загарантирана и нема да се менува.

„Малите хидроцентрали се повластени на повеќе начини, покрај цената, тие имаат и приоритетен пристап до мрежа односно нивното производство има предимство во купувањето. Во моментов со најновата одлука, се укинува само тоа, односно ЕВН Хоум сега не мора да купи прво од повластените, туку може од други производители, а повластените ќе треба да продаваат на други снабдувачи и трговци, кои главно снабдуваат индустриски капацитети. Значи, профитабилноста на малите хидроцентрали не се менува, останува само да се ангажираат и да ја продадат енергијата на друг откупувач. А, тоа нема да биде тешко бидејќи овие откупувачи и трговци ќе треба да ја платат повластената тарифа, која во моментов е трипати пониска од пазарната цена“, велат од „Еко свест“.

ЕВН Хоум електрична енергија преку ЕСМ ќе купува струја произведена во големите хидроцентрали, РЕК Битола, Осломеј, а сега и во ТЕЦ Неготино. Според екологистите оваа одлука е чекор наназад во заложбите што поголем процент од енергијата да се произведе од обновливи извори.

„Ја разбираме сериозноста на ситуацијата, но реално ние се враќаме назад кон целосно производство на енергија од фосилни горива како јаглен или мазут“, посочуваат екологистите.

Тие многупати досега бараа зголемување на процентот на производството на електрична енергија од обновливи извори, но не и од малите хидроцентрали, чија работа е дискутабилна и економска и еколошка гледна точка. Според последниот извештај на Државниот завод за ревизија малите хидроелектрани минатата година произвеле само 195,7 гигават часови електрична енергија и учествувале само со четири отсто во вкупното домашно производство.

Сепак, тоа не значи дека работеле непрофитабилно, бидејќи на концесионерите од 2012 година па досега им се платени 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност на произведената енергија, поради користење на законски предвидените повластени тарифи. Тоа значи дека граѓаните, наместо 44 евра, колку што во овој период чинел еден мегават електрична енергија на берзите, плаќале по 81 евро, само затоа што е произведен во мала хидроелектрана.

Ревизорите констатираат дека и постапките за доделување концесии за користење на вода за производство на електрична енергија биле проблематични бидејќи се спроведени без направена оцена на влијанието врз животната средина, а дел и без студија за концесиски проект, врз основа на застарени хидролошки податоци.

На забелешките од ревизорскиот извештај реагираа од „Еко свест“ и од Македонското здружение на млади правници, од каде велат дека целосно се совпаѓаат со нивните забелешки за овие енергетски објекти, за кои реагираат повеќе години наназад дека комплетната постапка за изградба на мали хидроцентрали целосно ги занемарува сите законски обврски за заштита на животната средина.