Дојави за бомби во 33 скопски училишта ја прекинаа наставата во првата смена

Основното училиште „Ј.Х. Песталоци“; Фото: Мета.мк

Нови дојави со заканувачка содржина за поставени бомби биле испратени денеска во 33 основни и средни училишта во Скопје. Како што информира Министерството за внатрешни работи, веднаш по добиената пријава полициски службеници презеле мерки за безбедно евакуирање на училиштaтa. Она што е различно овој пат во електронското писмо, е тоа што е потпишано од извесна „Бугарска револуција“.

„Во тек се антитерористички проверки. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија во МВР.

Основното училиште „Коле Неделковски“ во општина Центар е едно од училиштата во кои стасала дојава за поставена бомба. Учениците и вработените биле безбедно евакуирани.

„Ова е трет пат во нашето училиште да стаса дојава за бомба на службената електронска адреса. Организирани сме со вработените, веднаш беа сите евакуирани на безбедно. Им се јавивме на родителите. И покрај тоа што знаеме дека најверојатно станува збор за лажна дојава, сепак вознемирени сме. Одговорни сме за многу деца и затоа не е пријатно да се прочита писмо со таква содржина“, вели Светлана Масларевска, директорката на ова училиште.

И во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ денеска била испратена дојава за поставена бомба. Во училиштниот двор попладнево имаше полициски службеници, додека во училишниот објект се одвиваа антитерористички проверки.

Во второто полугодие ова е втор пат училишта да добиваат дојави за бомби. Лажните закани за поставени бомби во земјава се појавија на 26 октомври лани, но досега се потврди оти сите испратени дојави се лажни. Испраќањето на лажни дојави за бомби во Македонија започна откако претходно и други балкански земји се соочија со овој тип на хибридна закана.