Дискусии за младите и менталното здравје во повеќе градови во државата

Пешачењето го смирува умот, го подобрува расположението, го намалува ризикот како од депресија, така и од други проблеми поврзани со стресот и анксиозноста, наведено е во соопштението на УНИЦЕФ

Фото: УНИЦЕФ

УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика, со посета на повеќе градови во земјата ќе отворат дискусија со децата и младите за менталното здравје за да се намали стигмата поврзана со менталното здравје. Караванот започнува денеска од Струмица и Валандово, a во текот на следните седмици ќе продолжи во Пробиштип, Кратово, Штип, Кочани, Тетово, Гостивар, Виница, Блатец, Прилеп, Битола, Куманово, Велес, Кавадарци и Скопје.

„Замислен како младинска пешачка рута со разновидни креативни активности и можности за меѓусебни разговори, караванот обезбедува форум за младите да отворат прашања и заеднички да изнаоѓаат решенија. Тие ќе имаат можност да разговараат за сите предизвици со кои се соочуваат со претставници на УНИЦЕФ, МТСП, дипломатскиот кор и експерти за ментално здравје“, наведено е во соопштението од УНИЦЕФ.

Министерката Јована Тренчевска кажа дека дестигматизацијата, здружувањето, движењето и зборувањето е начин да се изградат здрави млади луѓе кои ќе бидат двигатели на нашето општество и нашиот систем за социјална заштита.

„Системот за социјална заштита е оној кој треба да се грижи за благосостојбата, но и оној кој охрабрува, поттикнува и мотивира. Затоа сме тука денес. Зошто младите го менуваат нашето општество, дестигматизираат и исчекоруваат. Нашата крајна цел е креирање на позитивна благосостојба низ која можеме да го достигнеме нашиот целосен потенцијал“, рече Тренчевска.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, кажа дека многу деца и млади страдаат сами и не бараат помош поради стигма или отсуство на иницијативи за унапредување и заштита на менталното здравје и грижа за оние на кои им е најпотребна.

„Никој не треба да биде оставен сам да се справува со предизвиците околу менталното здравје. Треба да се погрижиме децата и младите да добијат поддршка кога тоа им е потребно“, рече таа.

Анкетата поддржана од УНИЦЕФ во Северна Македонија покажала дека секој трет адолесцент вклучен во истражувањето пријавил симптоми на депресија, а кај девојчињата постои шестократно поголема веројатност да пријават симптоми на депресија споредено со момчињата. Околу 42 отсто од адолесцентите доживеале умерени до тешки симптоми на анксиозност. Иако над половина од адолесцентите се изјасниле дека имаат потреба од услуги за менталното здравје, сепак, тие не побарале таква помош.

„Дури и ако побараат помош, не постојат доволно квалитетни услуги за ментално здравје во земјата. Покрај специјализирани установи, подеднакво е важно да постојат програми и активности за да се промовира важноста на превенцијата и раната грижа за менталното здравје кај младите. Раното откривање на проблемите со менталното здравје го спречува натамошното влошување и појавата на хронични здравствени проблеми коишто потоа се решаваат на ниво на терциерното здравство“, наведено е во соопштението од УНИЦЕФ.

Овие активности ќе ги промовираат придобивките од активностите на отворено за менталната добросостојба.

„Пешачењето го смирува умот, го подобрува расположението, го намалува ризикот како од депресија, така и од други проблеми поврзани со стресот и анксиозноста. Преку овие заеднички активности со врсниците и пријателите, социјализацијата може да даде и дополнителна придобивка, помагајќи им на младите да почувствуваат стабилност и потпора“, се наведува во соопштението.