ДИЦ: Обврските од договорот за државна матура ќе бидат исполнети во целост

Фото: Unsplash / Green Chameleon

Денеска Државниот испитен центар (ДИЦ) информираше дека обврските произлезени од заедничкото решение на Владата на РСМ и Сојузот на средношколци за спроведувањето на државната матура, ќе бидат исполнети во целост од надлежните институции и образовните установи, откако Сојузот на средношколци реагираше дека во дел од средни училишта не се почитува договорот.

„Насоките наведени во известувањето кое ние како надлежна институција за спроведување на полагањето на државната матура го доставивме до сите средни училишта уште на 11.03.2021 предвидува училишните матурски предметни комисии да подготват минимум три пати повеќе испитни задачи (без решенија) во согласност со застапеноста и видовите на задачи пропишани во испитната програма по секој соодветен предмет и истите, минимум три седмици пред полагањето јавно да ги објават. Од тие испитни задачи потребно е да биде изготвен тестот за интерните испити“ велат од ДИЦ.

Оттаму уверуваат дека учениците не треба да имаат грижа во тој дел, туку нивниот фокус да биде насочен кон повторување на досега стекнатите знаења со цел успешно заокружување на оваа етапа од воспитно – образовниот процес.