Денеска на платото пред УКИМ протестен собир „Солидарност со Палестина“

На протестот, кој ќе се одржи денеска во 17 часот на платото пред скопскиот универзитет, ќе се бара од УКИМ да заземе став за „едно од најголемите злосторства во поновата историја“, стои во најавата на Инстаграм

Фото: УКИМци за Палестина

Денеска во 17 часот на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи протестен собир наречен „Солидарност со Палестина“ во организација на нова студентска иницијатива која се нарекува „УКИМци за Палестина“.

Според нивниот пост на Инстаграм, Иницијативата бара од УКИМ да го прекине својот молк и да заземе став за „едно од најголемите злосторства во поновата историја“ и да застане против „геноцидот и етничкото чистење кое го спроведува Израел“ во Газа.

Иницијативата се придружува на меѓународното студентско движење против воените операции на Израел во Газа. Студенти во САД, Европа и пошироко ги окупираат своите факултети, особено тие со директни финансиски поврзаности со Израел.

На својот Инстаграм профил, „УКИМци за Палестина“ имаат линкувано едукативни материјали. Може да се најдат и постови во кои се објаснуваат термини како „геноцид“, „антисемитизам“, „колонијализам“, како и „сколастицид“, односно уништувањето на образовни институции. Од иницијативата посочуваат дека во последните осум месеци од воената интервенција на Израел, сите 11 универзитети во Газа се уништени, а 5479 студенти и 95 професори се убиени.