ДЕБАТА: Родителите се трудат многу за да ги заштитат своите деца, а малку за да ги оспособат за да се бранат

Целта на дебатата во рамките на Деновите на медиумската писменост беше да се дискутира за тоа како родителите, наставниците, институциите, па дури и државата можат да придонесат децата и младите не само да се заштитат во дигиталниот свет, туку и да се едуцираат како да го користат на продуктивен начин

Фото: Порталб.мк

Одбивајќи ги новите технологии, ние ги правиме грешките на нашите родители – мораме да ги едуцираме децата и младите како безбедно да се движат во дигиталниот свет. Ова меѓудругото беше кажано на денешната панел-дискусија на тема „Секогаш заедно: ефектот на дигиталниот свет врз децата и младите“ организирана во рамките на Деновите на медиумската писменост од страна на MИМ и IREX, во рамки на проектот за медиумска писменост „YouThink“, пренесува Порталб.мк.

Целта на дебатата беше да се дискутира за тоа како родителите, наставниците, институциите, па дури и државата можат да придонесат децата и младите не само да се заштитат во дигиталниот свет, туку и да се едуцираат како да го користат на продуктивен начин.

Панелистот Стефан Јањиќ, доцент на Катедрата за медиумски студии при Филозофскиот факултет во Нови Сад, го објасни концептот на „црната кутија“, според кој не секогаш можеме да разјасниме како сме дошле до одреден заклучок на начин што е разбирлив за сите, кога станува збор за една вест или информација. Како пример тој посочи еден текст каде што, поради специфичната терминологија, еден поединец кој не е запознаен од соодветната област не може да разбере што значи тоа. Затоа, рече тој, информациите што ѝ се нудат на јавноста имаат одредена неопходна „тајност“, која се нарекува „црна кутија“. Во продолжение беше прикажано како можеме да провериме дали некоја информација е вистинита, без да се има доволно познавања од темата.

„Ако ви кажам дека во просек луѓето кои ги сакаат мачките имаат повисоки плати од оние кои сакаат кучињата, вие треба да го поставите прашањето: Од каде потекнува ова информација? Дали е од веродостоен извор? Со колку луѓе е направен експериментот? Дали се проверени факторите кои можат да влијаат на резултатите, како што е возраста, степенот на образование и професијата? Но, ако кажам: „не, вистина е, видов еден TED Talk за тоа. Таму беше објаснето дека сопствениците на мачки ја ценат независноста, додека пак сопствениците на кучиња ја ценат лојалноста“. Тогаш вие треба да го поставите прашањето: Кој беше говорникот? Дали тој презентираше некое конкретно истражување или го кажа тоа повеќе како анегдота?“, рече Јањиќ.

Наставниците, рече тој, би можеле да користат и подиректни пристапи, како на пример дискусија со класот за одредена тема, како теоријата дека Земјата е рамна плоча, при што учениците треба да го користат интернетот за да најдат докази за или против тоа.

Во дискусијата учествуваше и Тијана Ивановска, психолог и основач на клиничкиот центар „Себесложувалка“. Таа, од своето искуство како психотерапевт кој работи и со родители, беше прашана за сајбер-булингот на социјалните мрежи и начинот на кој можеме да ги заштитиме децата од оваа појава во дигиталниот свет.

Ивановска рече дека жртвите на булинг „секогаш се посрамежливи ученици или можеби едноставно се интровертни“.

Таа додаде дека училиштата веќе се обидуваат да понудат системски решенија со менување на паралелките и со вклучување на родителите, но таа самата како психотерапевт им порача на родителите да се трудат повеќе да работат со децата отколку со нивниот социјален круг. Според неа, родителите и училиштата повеќе се трудат да ги заштитат децата од каква било штета отколку да ги насочат како да се одбранат и да се ориентираат во општеството.

„Најважно е родителите да поработат на самодовербата на нивните деца и да ги остават сами да одлучуваат и да го почитуваат нивниот избор, да ги насочат кон подобри одлуки, но не и да одлучуваат во нивно име“, рече Ивановска.

Модератори на дебатата, Тијана Ивановска и Огнен Јанески / Фото: Порталб.мк

Огнен Јанески, новинар, се задржа на темата за таканаречените „инфлуенсери“ и како тие влијаат врз децата и младите. Според неговото мислење, нашата реакција на денешната технолошка револуција не се разликува многу од реакцијата на нашите родители и баби и дедовци за компјутерите и телевизорите. Одбивајќи да ги користиме, рече тој, или обидувајќи се да ги изолираме нашите деца од нив, ги правиме истите грешки како постарите генерации.

Што се однесува до инфлуенсерите, имајќи предвид дека тие сега имаат големо влијание врз децата, па дури има многу деца кои се инфлуенсери на возраст кога не можат да предвидат како работите што ги кажуваат можат да влијаат на пошироката јавност, тој рече дека време е да се преземат некои мерки на државно ниво, дали со етичкиот кодекс или пак со регулативи и закон.

„Инфлуенсерите мора да сфатат дека сносат многу поголема одговорност дури и од нас, кои работиме како новинари, бидејќи ние сме сведоци дека дури и кај нас има многу негативни примери, како што е рекламирањето на најлошите диети како здрави, рекламирањето на храна и сомнителни производи. Ние сме стигнале дури дотаму што тутунската индустрија и индустриите кои се занимаваат со производство, дистрибуција и продажба на алкохол и тутунски производи се рекламираат преку инфлуенсери“, рече Јанески.

Но, според него, важно е и возрасните и децата да разговараат за овие теми за да бидат подобро информирани и подобро подготвени за да сурфаат низ дигиталниот свет. Како личен пример ја зеде неговата внука која има осум години и има илјадници следбеници на ТикТок, иако на таа возраст таа нема поим што е слава, па тој и сестра му седнале за да разговараат со неа, за да ѝ објаснат зошто на таа возраст не треба да го објавува и експонира својот лик и личните податоци.

Конференцијата „Медиумската писменост во дигиталниот простор“ го отвори петтото издание на Деновите на медиумската писменост во организација на Мрежата за медиумска писменост, во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Фондацијата Метаморфозис, Македонскиот институт за медиуми и IREX.

Деновите на медиумската писменост се најважниот национален настан за мобилизација на граѓаните, образовните институции, граѓанските организации, медиумите и државните институции и за подигање на свеста за постигнатиот напредок во медиумите и информирањето.