Дебата: Дали да се информираме од 100 места или пак да ги ограничиме изворите на информирање?

Два спротиставени тима дебатираа на овие прашања на настанот на Младинскиот образовен форум и ИРЕКС на тема „Медиумите (не) придонесуваат кон медиумска писменост“

Дали е добро да имаме стотици извори на информирање или пак подобро е да ни бидат достапни само одреден број вести, гласеше панел дискусијата која се водеше денеска на настанот на Младинскиот образовен форум и ИРЕКС на тема „Медиумите (не) придонесуваат кон медиумска писменост“, која се реализираше во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Два спротиставени тима дебатираа на овие прашања. Пропозицијата стави акцент на лажните вести и непостоењето на доволни механизми целосно да сме имуни на истите, додека опозицијата ни објасни зошто е поважно да имаме голема палета на избор за информации, отколку да ни бидат достапни само одреден број вести. Со дебата беше разледано прашањето за придонесот на медиумите кон зголемување на медиумска писменост на младите.

Дискусијата ја водеа 6 претставници од младински клубови – Елена Николова, Миа Чучак и Јана Симеонова кои ја застапуваа афирмациската страна, додека Деа Деспотовска, Лиза Барсова и Евгенија Стојкова ја бранеа негациската.

„Просечниот млад човек во текот на денот прима најмалку 100 нови информации кои ги добива од многу различни извори. Најголемиот дел од овие информации се само пропаганди, размислувања и лажни вести. Не е логично да мислиме дека постојаниот судир на човекот со лажни вести придонесува кон зголемување на медиумската писменост“, беше главната поента на афирмациската страна истакната од Елена Николова.

Втората страна пак рече дека просечниот човек е доволно медиумски писмен за да препознае која вест е дезинформација.

„Живееме во информациска ера каде е неизбежно секојдневно да учиме нешто ново за да “опстанеме“ во општеството, а тоа ни налага потреба од огромна изложеност на вести.Просечниот човек е доволно медиумски писмен за да препознае која вест е дезинформација или малинформација па затоа, подобро е сите информации да ни се постојано достапни“, ја бранеше негациската страна Лиза Барсова.

По завршувањето на дискусијата и завршните зборови на двете страни, учесниците имаа можност да разменат мислења на дадената тема во помалку формално окружување. Присутните во публиката потврдија дека панел дискусијата била интересен начин на дознавање на нови информации, како и запознавање со концептот на дебата.

Настанот беше организиран во рамките на Деновите на медиумска писменост.