
Потопена ружа во течен азот, станува кршлива исто како стакло. Кога гумено црево ќе потопите исто така во течен азот, можете да го скршите со чекан на парчиња.
Ова се само некои од хемиските експерименти кои денеска, студенти и нивните професори од Институтот за хемија, Марина Стојанова и Владимир Петрушевски, ги изведоа пред стотици основци и средношколци. Хемиските реакции кои ги предизвикаа хемичарите, направија вистински спектакл во преполниот амфитеатар.

Хемичарите направија шоу користејќи различни супстанци чие спојување предизвика мноштво реакции – експлозии, оган, чад. Облечени во бели мантили со шешири на главите, беа пречекани со громогласен аплауз од љубопитните ученици кои „не трепнаа“ следејќи ги експериментите.
„Гледате? Цветот го скршив на парчиња, бидејќи беше изладен, односно замрзнат на минус 190 степени“, рече студентот кој покажа едне од експериментите.
Друг негов колега со чекан искрши гумено црево, кое сосема ги промени својствата откако беше потопено во течен азот.

Децата гледаа и експеримент т.н пуканки, како и „магла“ добиена од глицерол.
„Чадот не е чад, тоа е магла, но не обична магла од вода, туку од глицерол. Кога ќе се загрее тој силно испарува. Токму оваа магла се користи на концерти“, рече Владимир Петрушевски Фили.
Целта на овој настан е децата да ја засакаат хемијата. Професорката Стојанова, им кажа дека очекува многумина од присутните, еден ден да станат студенти на Институтот за хемија.
Инаку, оваа високообразовна институција е лидер во објавувањето на научни трудови во меѓународни списанија со импакт фактор. Професорите-хемичари се посветени на науката најмногу во споредба со нивните колеги од останатите области.