fbpx

Членството во НАТО е премостување на препреки (видео)

-

„Нашето зачленување во НАТО е еден од трите најважни моменти во нашата понова историја“, рече претседателот Стево Пендаровски во видео-обраќање за Денот на НАТО, вбројувајќи го тој момент во група со Денот на независноста, 8 септември 1991, и денот на приемот во Организацијата на обединетите нации, 8 април 1993 година.

На 27 март Република Северна Македонија официјално стана членка на НАТО, а на 30 март, македонското знаме, како знаме на 30 земја-сојузник, истовремено беше подигнато во седиштето на НАТО во Брисел, пред Врховната команда на сојузничките сили (SHAPE) – Сојузничка команда за операции во Монс, Белгија и Сојузничката команда за трансформации во Норфолк, Вирџинија, САД.

Но, зошто е членството во НАТО толку важно?

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на церемонијата пред седиштето во Брисел | Фото: НАТО

– Во вакви времиња, пријателите и сојузниците се поважни од кога било. Северна Македонија сега ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Сите сме побезбедни и посилни заедно, отколку сами. Затоа, добредојдовте во НАТО – рече Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на свечената церемонија за прием на 30-от сојузник.

Организацијата на северноатлантскиот договор (НАТО) е воен сојуз чија основна цел е да ја чува слободата и безбедноста на своите членки со воени и политички средства. Членките, пак, се посветени на негување на принципите на слободите на поединецот, демократија, човекови права и владеење на правото.

Гаранција за безбедноста и интегритетот на државата

„Со членството во НАТО се заокружува македонската државност, која гарантира опстојување и територијален интегритет на модерната македонска држава“, наведува Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана во својата најнова анализа за Македонија „Членството во НАТО како историски успех на државата“.

– Членството во НАТО, значи сигурност, стабилност и благосостојба. Со тоа се јакне довербата кон државата и сигурноста за привлекување странски инвестиции. Истовремено членството во НАТО е голем исчекор кон членството во ЕУ. Тоа е непосредно искуство на сите нови членки после завршувањето на студената војна, нагласува Институтот.

НАТО има три основни мисии: колективна одбрана, кризен менаџмент и кооперативна безбедност. Првиот принцип се заснова на Членот 5 од Вашингтонскиот договор од 1949 година, со кој е основана Алијансата, и наједноставно значи дека напад врз еден е напад врз сите сојузници. Досега, начелото е применето само еднаш, по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година.

– И секој пат сум мислел дека НАТО е предуслов за развој, значи ако имате гарантирана безбедност и граници и територијален интегритет јасно е дека во секоја друга област можете само да напредувате бидејќи веќе ги имате предусловите за такво нешто, рече Пендаровски.

Чешка беше еден од сојузниците кои доставија медицинска опрема како помош на македонските напори во справување со пандемијата (Фото: НАТО)
Чешка беше еден од сојузниците кои доставија медицинска опрема како помош на македонските напори во справување со пандемијата (Фото: НАТО)

Во управувањето со кризи НАТО ги става на располагање робусните воени и политички капацитети за справување со секоја криза која може да влијае врз безбедноста на кој било сојузник или на Алијансата. Ова е особено видливо во напорите на Алијансата во справувањето со пандемијата на ковид-19, во што ги вклучи и своите медицински и научни капацитети. Со заложбата за кооперативна безбедност, пак, НАТО се залага за активен придонес во меѓународната безбедност.

Пандемијата покажа дел од придобивките

Токму пандемијата на ковид-19 на македонската јавност ѝ овозможи увид во дел од придобивките што ги носи членството во Алијансата. Откако земјата на 30 март побарала помош во справување со пандемијата од Евроатлантскиот центар на НАТО за координација на одговор на несреќи (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre – EADRCC), македонските власти од неколку сојузници добија помош во опрема и финансии од САД, Турција,  Норвешка, Холандија, Словенија, Унгарија, Велика Британија, Чешката Република и Бугарија. Во справување со ковид-19 македонските власти го користат и Системот за командување при инциденти (Next-Generation Incident Command System-NICS), што земјава го усвои минатата година за координација на сите нивоа на власт во кризни ситуации. Покрај материјалната помош, НАТО е активен и во борбата со кампањата на дезинформации за пандемијата.

Б1 бомбардерите и Ф16 борбените авиони на небото над Скопје | Фото: Амбасада на САД во Северна Македонија

Но, ефектите од членството се далеку подлабоки. Меѓу другото, македонските институции сега имаат пристап до заедничкиот безбедносен и разузнавачки систем на НАТО и информациите кои ги подготвува, капацитетите за сајбер-војување и сајбер-одбрана.

Македонските професионалци имаат можности за вработување во штабовите, командите и агенциите на НАТО, а полноправното членство треба да предизвика и ефекти врз економијата – секоја нова членка на НАТО многу брзо по влезот во Алијансата постигнала зголемување на БДП, но и на  странските инвестиции.

Но, економистите нагласуваат дека најважна придобивка е пристапот до странски пазари и можноста за извоз на стандардизирани производи. НАТО има договори за стандардизација (СТАНАГ) за стотици производи и услуги, наменети да ѝ овозможат на секоја од армиите да користи залихи од која било друга армија на земјите членки.

– Членството не значи само добивка за одбранбените и воено безбедносните структури. НАТО со своите бројни одбори се занимава и со прашања, како што се образование и прашања на екологија, иновации, научни истражувања, стопански субјекти, кои добивајќи НАТО сертификат, можат на различни тендери внатре во алијансата да добиваат работи што претходно секако не било возможно, наведува ИФИМЕС во анализата.

Почнаа да се решаваат децениски проблеми

Подигање на НАТО знамето пред Владата | Фото: Борче Поповски

Членството во НАТО доведе и до решавање на домашни проблеми кои беа долго запоставувани. Користејќи го ветото за членство на Самитот во Букурешт во 2008 година како изговор, буџетот на одбраната беше преполовен една деценија, а македонската влада постојано го одлагаше опремувањето на војската.

Поради тоа, денес се вест банални набавки како чизми, униформи или гуми и моторни масла. Воените инженери добија нови инженериски машини прв пат по 16 години, а војската набавува и нови оклопни возила, најавувани повеќе од една деценија.

Македонскиот Центар за обука на пилоти, пак, е дел од иницијативата за летачка обука, покрената од 11 сојузници.

Членството е и конечна потврда на напорите на македонските војници во операции надвор од татковината. Армијата веќе 18 години учествува во мисии на НАТО. Меѓународните операции, според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, се „најдобра шанса да градиме поголеми капацитети и да се држи во готовност нашата Армија“.

– Триесетта земја-членка станавме конечно, ова го чекаме од 93-та би рекол, од првата декларација во тогашниот македонски парламент донесена со апсолутен консензус од сите парламентарни групи, вели претседателот Пендаровски

Но, главната придобивка од членството во НАТО е рамноправноста во меѓународните односи.

– Членството значи право за со-одлучување за клучните прашања од меѓународната политика. Северна Македонија нема веќе да биде предмет на расправа, туку заедно со другите држави членки таа ќе расправа и ќе допринесува за решавање на клучните меѓународни прашања и предизвици. Тоа е квантно поместување во функционирање на државите кои станале полноправни членки на НАТО, нагласува ИФИМЕС.

Со церемонијата на подигање на македонското знаме пред командите на НАТО на 30 март годинава, конечно, заврши македонската одисеја долга 26 години, 3 месеци и 4 дена од Одлуката на собранието за пристапување кон Северноатлантскиот сојуз и 20 години, 11 месеци и 2 дена откако на 25 април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон официјално стана кандидат за членство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕУ воведе санкции кон Русија поради смртта на Навални

Вчера Европската Унија одговори на смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални со нови санкции, јавува ДПА повикувајќи се на дипломатски извори. Санкциите претходно ги најави шефицата на германската дипломатија Аналена...