Од денеска сме НАТО – резултат на историските одлуки и клучни реформи

„Од денеска сме НАТО“, порачаа премиерот Оливер Спасовски, од владината седница во Скопје, и в.д. шефот на македонската мисија во Организацијата на северноатлантскиот договор-НАТО, Зоран Тодоров, од седиштето на Алијансата во Брисел, неколку мига откако македонското знаме беше подигнато на 30. јарбол со знамиња на сојузниците. Со истовремени церемонии во седиштето во Брисел, Врховната команда на сојузничките сили (SHAPE)- Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија и Сојузничката команда за трансформација во Норфолк, Вирџинија, НАТО денеска свечено ја прими својата најнова членка.

– Добродојде во семејството на НАТО, Северна Македонија. Од денеска, знамето на Северна Македонија гордо ќе се вее со знамињата на другите 29 сојузници. Ова е историски момент. Патот беше тежок, но вашата напорна работа и храбри одлуки го овозможија денешниот ден, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на церемонијата во Брисел.

– Во вакви времиња, пријателите и сојузниците се поважни од кога било. Северна Македонија сега ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Сите сме побезбедни и посилни заедно, отколку сами. Затоа, добродојдовте во НАТО – рече Столтенберг.

Столтенберг денеска објави и колумна посветена на македонското членство во НАТО.

На свеченоста присуствуваа и претседавачот на Воениот комитет на Алијансата маршал Стјуарт Пич, и в.д. шефот на македонската делегација во НАТО, Зоран Тодоров.

– Тука сме, стоиме цврсто пред седиштето на НАТО, конечно заедно со сите сојузници. Нашата иднина е стабилна, од сега не сме сами. Ние сме НАТО – рече Тодоров на церемонијата.

Ние сме НАТО, потсети и премиерот Оливер Спасовски од Скопје.

– Денеска го остваруваме најголемиот успех од моментот на прогласување на независноста до денес. Патот беше долг, но наградата што ја добиваме денеска, со погледот на знамето, ја заслуживме. Бидете горди – рече Спасовски.

Тој истакна дека денешната церемонија е резултат на „историските одлуки и клучни реформи“, со кои во последните три години Владата го „помрднала процесот“ на евроатлантска интеграција.

Спасовски најави и успешна завршница на процесот на преговори со ЕУ, и „продолжување на процесите за да создадеме уште подобра држава“.