Чистењето на малата депонија со токсичен линдан ќе трае подолго од планираното

Фото: Архива на Мета.мк

Рокот за чистење на малата депонија на токсичниот линдан во дворот на ОХИС истекува на крајот на следната година. Работите на терен сè уште не се започнати, бидејќи, заради пандемијата на коронавирусот, доцни изборот на компанија која ќе треба да ја собере и транспортира опасната хемикалија. Третманот на малата депонија може да трае и до 18 месеци, што значи дека е извесно дека роковите ќе бидат пробиени.

Во Министерството за животна средина велат дека затворените граници и ограниченото движење кое е последица на ширењето на Ковид 19 се објективни причини кои не можат да се избегнат и дека тие треба да бидат прифатени од донаторот на проектот. Оттаму велат дека постапката во ниту еден момент не била стопирана, туку евалуацијата се одвиваше со забавено темпо во изминатите два месеци, заради вонредните случувања со пандемијата.

Очекуваме дека донаторот ќе има предвид дека пандемијата е објективна пречка за побрзо завршување на процесот на избор, па соодветно на тоа и ќе покаже одредена флексибилност доколку се укаже потреба од пролонгирање на рокот за завршување на проектот“, велат во Министерството.

Депониите со линдан се едни од најжешките еколошки точки во земјава. Историскиот опасен отпад, последица од работењето на некогашниот хемиски гигант ОХИС, децении наназад го загрозуваат здравјето на граѓаните на Скопје. Во дворот на ОХИС се наоѓаат малата и големата депонија во кои се претпоставува дека има над 13.000 тони линдан, покриен со 20.000 тони земја, која досега е целосно контаминирана и самата претставува опасен отпад. Се претпоставува дека во ОХИС има и трета депонија, а информации од поранешни вработени потврдуваат дека линдан е закопан и во близина на локалитетот Пеленица кај Драчево.

Професорот на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, Трајче Стафилов по бројни испитувања на теренот во ОХИС предупредува дека несоодветно складираниот отпад директно влијае и ги загадува почвата, подземните води и воздухот. Линданот е инсектицид со широк спектар на дејствување со кој во минатото се третирала почвата и дрвјата како заштита од паразити, се додека пред повеќе од 40 години не бил забранет заради неговата токсичност.

„Влијанието на токсичните материи кои со децении стојат во ОХИС е огромно и сериозно го загрозува здравјето на луѓето. Од таа причина чистењето на овие депонии со историски отпад мора да трае во континуитет, се додека не излезе и последната хемикалија. Не е само линданот, туку и живата од погонот за електролиза. Тоа се обемни и скапи проекти, кои потоа ќе мора да продолжат со деконтаминација на целиот простор на поранешен ОХИС, почвата и подземните води“, вели Стафилов.