ChatGPT забележува прво намалување на корисници од своето лансирање

Популарниот чет-бот има најмал месечен сообраќај на веб-страницата и посетители досега

фото: Wikimedia Commons

ChatGPT, популарниот чет-бот за вештачка интелигенција кој беше лансиран во ноември, забележува најмал месечен сообраќај на веб-страницата и опаѓање на посетители, за прв пат досега во текот на месец јуни, покажуваат истражувања на аналитичката компанија „Симиларвеб“.

Ројтерс објавува дека сообраќајот кон веб-страницата на ChatGPT ширум светот во јуни се намалил за 9,7 отсто во однос на мај, а посетителите на веб-страницата на ChatGPT се намалиле за 5,7 отсто. Времето што посетителите го поминале на веб-страницата исто така се намалило за 8,5 отсто.

Високиот менаџер за увид на „Симиларвеб“, Дејвид Кар тврди дека намалувањето на сообраќајот е знак за исцрпување на новитетот на четботот.

Со ChatGPT започна многу да се употребува генеративна вештачка интелигенција во секојдневните задачи, како пишување и кодирање. Чет-ботот достигна околу 100 милиони месечни активни корисници во јануари, само два месеци по лансирањето.

Намалената употреба може да се поврзе и со летниот распуст, бидејќи помалку ученици бараат помош со задачите.

Неодамнешното забавување на растот има потенцијал да помогне да се контролираат трошоците за одржувањето на ChatGPT, што бара интензивна компјутерска моќ за да одговори на поставените прашања и задачи. Сем Алтман, главениот извршен директор на OpenAI, кажа дека трошоците за водење на услугите се огромни.