fbpx

Бочварски: Над 91 процент од средствата во Буџетот за 2022 се предвидени за капитални проекти

-

Предлог Буџетот на Министерството за транспорт и врски за следната година е проектиран на 11,8 милијарди денари, од кои за капитални проекти се предвидени над 91 процент, односно 10,8 милијарди денари, соопшти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на презентацијата на предлог Буџетот на Министерството за 2022 година.

Со Буџетот се предвидува да се оствари високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на патната мрежа, гасификацијата и комуналната инфраструктура.

Бочварски рече дека капитален проект на кој ќе се посвети големо внимание е изградбата на железницата кон Бугарија, за што се предвидени 2,5 милијарди денари.

„Силен фокус даваме на доизградба на автопатските делници на Коридор 8, како и Коридор 10 за што предвидовме 6,1 милијарда денари. Продолжуваме со изградба на канализации и водоводи во општините за што вкупно инвестираме 836 милиони денари. Ги засилуваме активностите за изградба на локални улици и патишта, а во буџетот обезбедивме и 246 милиони денари за Град Скопје за изградба на инфраструктура за брз автобуски превоз низ градот“, истакна Бочварски.

Тој додаде дека продолжува проектот за финансиска поддршка на нови авиолинии, со оглед дека договорот со авиокомпанијата „Визер“ (Wizz Air) истекува следната година.

Бочварски соопшти дека се предвидени и 275 милиони денари за доизградба на двата магистрални гасоводи, а се очекува да започне постапката за изградба на интерконекторот со Грција, како и да се завршат проектите за магистралните гасоводи од Гостивар до Кичево и од Велес до Свети Николе.

Потенцираше и дека ЈП за државни патишта продолжува со инвестициите во модерницација на патната мрежа.

„Очекуваме најитно Собранието да го изгласа анексот за продолжување на изградба на автопатот Кичево-Охрид и градежните работи да се засилат со потребната динамика. Одобрени се 63 нови инфраструктурни проекти. Следната година ќе се заврши изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш, како и експресниот пат од Крупиште до Кочани. Интензивно продолжуваме со изградба на експресниот пат од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка“, рече Бочварски на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека се предвидени 18 милиони денари за изработка на Урбанистички планови за општини кои немаат доволно средства за оваа намена, а во рамки на Декада на Ромите се обезбедуваат  20 милиони денари за проекти во општините со ромско население.

Бочварски ја повика актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, да ја продолжи реализацијата на проектот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро, за кој Владата зема кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Нагласи дека секое отстапување од ваков систем на транспорт нема да донесе поефикасен превоз во главниот град.

„Овој проект високо го оценија голем број на странски експерти и го сметаат да соодветен за Скопје бидејќи се воведува цел систем со кој се растеретува метежот во сообраќајот. Градоначалничката Арсовска не даде аргументи, не покажа никакви анализи, студии или експертски мислења зошто треба да се стопира проектот. Би сакал да потенцирам дека тендерската постапка за овој проект е во тек, и од тука сакам да упатам апел до Град Скопје да ги преиспита најавите за откажување од овој проект. Имено брз автобуски превоз е сообраќајно решение со кое ќе се изгради нов систем на транспорт на патници, преку кој значително ќе се намали времето на патување, а од друга страна ќе се намали и сообраќајниот метеж низ градот“, рече Бочварски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...