Седум воени санитетски возила, од кои пет во Скопје, од денеска им се на располагање на здравствените служби за транспорт на пациенти со ковид. Болничките возила ќе се користат со респираторите за транспорт на пациенти кои ги донираше НАТО, најави министерот за здравство Венко Филипче.

Фото: Министерство за одбрана

„Од денеска имаме на располагање пет болнички возила и уште две дополнително, кои што ќе се користат за транспорт на пациенти од други градови“, рече Филипче.

Тој потенцираше дека притисокот кон здравствениот систем е огромен, и многу често се наметнува потреба од брз транспорт на пациентите до болничка установа.

„Го зголемивме бројот на болнички возила, пред сè овде, во Здравствениот дом Скопје, меѓутоа оваа помош е и тоа како драгоцена и ќе биде многу важна затоа што ќе го зголеми прво бројот на тимови кои што ќе бидат на располагање за транспорт на пациенти и во комбинација со транспортните респиратори кои што ги добивме од НАТО верувам дека ќе го зголемат и квалитетот на здравствената услуга кон пациентите“, рече Филипче, кој денес ги прими првите пет санитетски возила од министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и началникот на Генералштабот на АРМ генерал-полковник Васко Ѓурчиновски.

Фото: Министерство за одбрана

Здравствениот систем веќе неколку денови е под огромен притисок, нагласи Филишче, а ситуацијата е навистина критична

„Утрово Имавме координативен состанок со директорите на сите интерни клиники, договаравме распоред на пациенти, обезбедување на дополнителни болнички капацитети, формиран е еден дополнителен тим кој што е одговорен за третман на овие пациенти на сите интерни клиники. Во секој од тимовите има специјалист пулмолог и специјалист анестезиолог кои што се користат како консултанти во третманот на овие пациенти“, изјави Филипче.

Тој апелираше да се почитуваат мерките за заштита од ковид и додаде дека очекува резултати од рестриктивните мерки во следните недели:

„Верувам дека нема да има потреба да воведуваме и дополнителни рестрикции, иако сме спремни да го предложиме и тоа доколку е потребно во следниот период“, посочи министерот.

Филипче рече дека следни мерки кои би можело да ги препорача Ккомисијата за заразни болести се целосно затворање на некои економски оператори кои сега функционираат и да се ограничи движењето во одреден период од денот и за време на викенд, но повтори дека сметаат дека тоа сеуште не треба да се препорача. За доцното објавување на дневните податоци за бројот на новозаразени, починати и оздравени лица, Филипче рече:

„Навистина е огромна бројката на пријави, резултати кои што ги добиваме од неколку лаборатории, и додека сето тоа се обработи, изанализира, се прочисти, за да дадеме точни податоци за да не се случи некој пропуст , тоа одзема повеќе време“, објасни министерот.

Според Филипче, има доволен број на лекари, и покрај бројката на медицински персонал кој е во изолација поради сомнителен контакт со заболени, и дека лекарските тимови работат по систем на ротација. Тој додаде дека се разгледува можноста учениците од средното медицинско училиште, медицинските сестри во последна година, дел од задолжителното стажирање да минат во ковид-центрите.

„Здравјето на граѓаните е и наша грижа. Кога државата се наоѓа во критична ситуација, сите мора да бидеме и одговорни и мобилизирани, и да најдеме начин да бидеме од помош“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа нагласи дека станува збор за возила кои што ги користи Армијата, но во моментов се попотребни во борбата против епидемијата. Шекеринска подвлече дека Армијата, која и досега учествуваше во справување со пандемијата, и натаму ќе биде на располагање.